
Се санира оштетениот Споменик на револуцијата во Тетово, кој е честа мета на вандали
Националната установа Музеј на тетовски крај претпладнево започна да го санира Споменикот на револуцијата во Тетово, кој беше оштетен минатиот месец, од засега се уште непознати сторители.
Препорачано
-Започнавме да го санираме брутално оштетениот Споменик на Револуцијата. Овој споменик е од вистинско значење за Македонија, да ги зачуваме вистинските вредности и спомените на оние кои ја донесоа слободата. Апелираме ваквите вандалски дејствија да не се повторуваат, соопштија од Муејот на тетовкси крај .
На 23 септември со камења беше вандализиран Споменикот на револуцијата во Тетово. Искршен беше предниот дел од ова спомен обележје, посветено на загинатите борци на Народно – ослободителната војна.
Од Сојузот на борци Тетово, го осудија овој чин кој го нарекоа нецивилизациски атак врз симболот на антифашистичката борба на македонскиот народ и на другите националности, кои несебично се жртвуваа за национална слобода.
Оттаму побараа сторителите да бидат откриени и кривично да одговараат за стореното.
Споменикот на револуцијата во Тетово со години е мета на вандали, но досега надлежните, ниту ги откриле вандалите, ниту пак имаат некого осомничено.
Овој споменик е поставен во 1962 година, а е изработен од вајарката Борка Аврамова (1924-1993). Оригиналното име е Споменик на победата, додека во Тетово е познат како Споменик на револуцијата.