Се расфрлаат со милијарди како со петарди

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Од наддавањето на политичарите со милијарди, малку останува како додадена вредност во подигнување на стандардот и квалитетот на животот на граѓаните. Затоа што ветените милијарди инвестиции лесно стануваа милијарди долг. За идните генерации!

Додворувањето на партиите кон граѓаните со право на глас наречено предизборна кампања официјално не е ни почнато, а политичарите, и од власта и од опозицијата, веќе наддаваат со милиони, дури и милијарди, кои „од државата ќе направат ветена земја“.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тргна во офанзива, ни помалку ни повеќе со ветување од околу една милијарда евра инвестиции во општините за четири години, а власта, пак, само за проектот „коридори 8 и 10д“ најави вложувања од најмалку 1,3 милијарди евра.

Повисоки плати, пензии, ниски цени, повеќе лекови на позитивната листа, повеќе места во детските градинки, нови старски домови се само додаток на големите бројки од кои се врти во главата. Деновиве се промовираат антикризни мерки, кои треба да опфатат дури 400 илјади граѓани, а некои потези Владата ги остава за подоцна (пензиите ќе се зголемат во март, демек, тука нема ништо предизборно, оти случајно се совпаѓа со редовното зголемување).
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветува и линеарно зголемување од 5.000 денари за повеќе од 300.000 пензионери, изградба на производен центар за производство на базна енергија, отворање развојни истражувачки центри за младите, што не кореспондира со ветувањето за ниски даноци.

Или барем Мицкоски не кажува како ќе се полни буџетот со ниски даноци и ничкосано стопанство за да се реализираат сите негови замислени проекти што веќе ги промовира во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“. Тие проекти, како што е најавено, ќе бидат дел од изборната програма на ВМРО-ДММНЕ за парламентарните избори во 2024 година.

Премиерот Ковачевски возврати со „фино“ укажување дека „не е начин пред избори на пензионерите да им се ветува еднократно зголемување“. Како поткрепа на кажаното, тој го кажа податокот дека за идната година во Буџетот за 2024 година за пензии се предвидени дополнителни 100 милиони евра повеќе од оваа година.
Ветувањата на политичарите стигнаа дотаму што зборуваат за исти проекти. На пример, за автопатот од Велес – Битола преку Прилеп, слушавме и од Заев, а сега и од Мицкоски. Лидерот на опозициската партија овој проект го смета за клучен во стратегијата за обнова и ревитализација на патната инфраструктура долга 1.000 километри, вредна две милијарди евра.

Патот наречен желба е стара идеја, уште од минатиот век, а најдалеку во реализацијата стаса Заев со изготвување на идејно решение. Долг е патот од идеја до реализација, а и тешко премостлив. Исто како и теренот меѓу Велес и Прилеп.
Во делот на даночните политики. СДСМ на стартот од мандатот почна со прогресивно оданочување, но потоа се врати на старото решение со рамен данок. Даночните реформи се крупен залак за секоја власт.

Иако повторно се нудат нови решенија. ВМРО-ДПМНЕ дури и намалување на рамното оданочување. Како и да е, тешко се наоѓа вистинскиот модел што ќе биде најпогоден за нашето општество.
Каква и да се воведе даночна политика, тешко ќе се полни буџетот. Затоа, како држава постојано позајмуваме пари за да се задоволат сите потреби на граѓаните, а при ребалансите на буџетите први на отстрел се капиталните инвестиции, токму тие што носат развој и се од најголем интерес на стопанствениците, конечно и на граѓаните.
Уште кон крајот на деведесеттите години на минатиот век политичките бајки и кроење басни почнаа со култната милијарда на Васил Тупурковски и „тајванската приказна“. Милијардите, проширени и надградени, кулминираа во периодот на владеењето на Никола Груевски со ветувања за осум, па и десет милијарди евра инвестиции.

Следуваа петте милијарди евра на Заев, а од сето ова, граѓаните реално не видоа ништо.
Ниту една партија нема да признае дека расфрлањето на државните пари е купување гласови. Во меѓувреме, долгот на државата надмина 5,5 милијарди евра, а расфрлањето со ветувања за милијарди инвестиции не престанува.
Од наддавањето на политичарите со милијарди, малку останува како додадена вредност во подигнување на стандардот и квалитетот на животот на граѓаните. Затоа што милијардите наместо инвестиции лесно стануваа долг за идните генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот