Градежен работник на скопски објект / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Се проверуваат 1.100 лиценци согласно Законот за градба и законот за урбанистичко планирање, на 97 фирми ќе им бидат одземени

Констатирано е дека по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои тие им биле издадени. Ќе следат и проверки кај издадените лиценци за патен превоз, најави министерот за транспорт Александар Николоски

До вторник треба да заврши контролата која ја спроведува Министерството за транспорт по однос на Законот за градење и урбанистичко планирање, а потоа ќе следат јасни законски измени, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски на прес-конфернеција во Владата. Контролата ги опфаќа изведувачите на градби од прва и втора категорија, надзорот на градбите од двете категории и нивното проектирање, како и ревизијата на проектната документација, а опфатени се и управителите на зградите и нивните лиценци за изработка на урбанистички планови. Николоски не откри колку закони ќе треба да се променат, но рече дека веќе е формирана работна група која интензивно работи. Во моментов, според министерот Николоски, може само да се каже дека ќе биде заострена контролата за сите издадени лиценци и таа ќе мора да се врши на секои 6 месеци.

-Како Влада донесовме одлука да се направи контрола на сите издадени лиценци од министерствата и институциите, без разлика на што се однесуваат и кој вид се. Во моето министерство активностите веќе започнаа, а предмет на контрола се 1.100 лиценци, од кои досега се проверени 643. Очекуваме да завршиме до идниот вторник. Од проверените, одземени се 97 лиценци, односно за над 15 отсто од досега проверените е констатирано дека правните лица по добивањето на лиценците престанале да ги исполнуваат условите, а за тоа не нè информирале. Затоа ќе им бидат одземени лиценците. На 13 правни лица им е одземена лиценцата за А изведувач на градби, на 34 правни лица им е одземена лиценцата за Б изведувач на градби, на две фирми одземена им е А лиценцата за надзор на градби, на 6 правни лица им е одземена лиценцата за Б надзор на градби, едно лице остана без лиценца за управител за одржување на објекти, а на 16 лица им е одземена лиценцата за изработка на детални урбанистички планови. До вторник ќе заврши и проверката на сите лиценци за патен превоз и затоа дополнително ќе бидете информирани – наброи Николоски.

Николоски посочи дека целиот извештај ќе се достави до органите на прогонот и потоа очекува од нив да постапат. Законите мора да се сменат оти тие сега многу се растегнуваат, ќе се жалат и не се знае како ќе завршат постапките.

Според министерот за транспорт идејата е да се направи поголема ревизија на постоечките законски решенија, а затоа ВМРО-ДПМНЕ недвојбено изрази целосна политичка поддршка на Владата и Јавното обвинителство.

Проблемите со објектот во Кочани настанале поради внатрешните адаптации

Министерството за транспорт немало надлежности врз дискотеката „Пулс“, но Николоски откри дека тој објект е изграден во 1999 година, според важечки план во рамки на Општина Кочани.

-Изграден бил првенствено за лесна незагадувачка индустрија, одреден период бил шивалница, па потоа се користел како магацин. Потоа му бил дограден еден дел од 50 квадрати, кој бил легализиран во 2011 година. Што значи дека од аспект на урбанистичко планирање е испочитуван законот, а проблемите настанале кога почнале адаптации и реконструкции во внатрешноста, без никакво одобрение од никого и ставен е печат од одредено лице. Лицата кои ставале печат и потпис биле приватни лица. Потоа сите документи се прибавувани од Министерството за економија, но голем простор е оставен на совеста на подносителот на барањето кој гарантира со изјава на нотар, а нотарот нема начин да провери. Затоа мора да има сериозни законски измени. Ќе оставиме понатаму работата да си ја водат МВР и ЈО, нашата работа е дотука – додаде Николоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот