Секој четврти доселеник сака да ја напушти Германија/ Фото: Joerg Hackemann / Alamy / Profimedia

Сè повеќе доселеници сакаат да си заминат од Германија

Зошто мигрантите ја напуштаат Германија? Нова студија покажува дека другите земји се попривлечни за економски успешните странци. Дискриминацијата исто така игра голема улога.

Германската економија слабее, а сепак, квалификувани работници се очајно потребни во многу сектори: во медицинските професии, особено медицински сестри, во ИТ-браншата, градежништвото и занаетчиството. Исто така, има недостиг од воспитувачи во градинки, готвачи и професионални возачи на камиони и автобуси. На крајот на 2024 година, во германските компании имало околу 1,4 милиони непополнети работни места.

Во исто време, во Германија работат сè повеќе мигранти. Во 2024 година, процентот на работници од странство бил нешто над 16 проценти. Тој е повеќе од двојно зголемен од 2010 година досега. Вработеноста во медицинските професии е надпропорционално висока. Повеќе од еден од шест лекари има странско државјанство. Во делот на медицинските сестри, растот на вработеноста од 2022 година се должи исклучиво на странскиот персонал. Во моментов, еден од пет работници во овој сектор е имигрант.

Размислување за напуштање на земјата

Но, дали овие луѓе навистина сакаат да останат во Германија долгорочно? Институтот за истражување на пазарот на работна сила и вработувањето (ИАБ) при Сојузната агенција за вработување сега презентираше студија на оваа тема. Таа се базира на репрезентативна онлајн анкета на 50.000 луѓе на возраст меѓу 18 и 65 години кои се родени во странство и емигрирале во Германија. Притоа се исклучени повеќето баратели на азил кои сè уште немаат признат статус на престој во Германија.

Анкетата е правена од декември 2024 до април 2025 година. „26 проценти, или околу 2,6 милиони луѓе, велат дека минатата година всушност размислувале да ја напуштат Германија, т.е. дека размислувале да заминат“, ги сумираше бројките Јулија Косјакова, раководителка на одделот за истражување на миграција, интеграција и меѓународен пазар на трудот во ИАБ, на презентацијата на студијата во Берлин. „Околу три проценти, или 300.000 луѓе, веќе имаат конкретни планови за иселување“.

Германија е само меѓустаница

Околу половина од оние кои не сакаат да останат сака да се врати во своите земји на потекло, додека другата половина сака да продолжи во друга земја.

Меѓу оние кои се подготвени да се вратат, најчесто се споменуваат Полска или Романија. Мигрантите кои сакаат да го продолжат своето патување од Германија ги претпочитаат Швајцарија, САД или Шпанија. Бегалците и оние кои дошле како дел од семејно обединување покажуваат значително пониски тенденции за емиграција од добро образованите и економски успешните поединци.

„Клучен наод од нашето истражување е дека оние кои се преселиле во Германија за да работат или студираат, кои се подобро образовани, економски поуспешни и имаат подобро познавање на германскиот јазик, натпросечно често размислуваат за иселување или изразуваат конкретни планови за емигрирање“, вели истражувачката на ИАБ, Катја Галегос Торес.

Емиграцијата е ризик за Германија

Имигрантите со магистерска диплома или доктори на науки, како и оние со повисоки приходи, особено, размислувале да ја напуштат Германија во последните дванаесет месеци.

„Во секторите на услуги што бараат високи познавања, како што се ИТ, финансиите и услугите поврзани со бизнисот, помеѓу 30 и 39 проценти од испитаниците рекле дека размислувале за емигрирање“, вели Галегос Торес.

Постојат и „значајни“ трендови на емиграција во секторите на здравствена заштита, производство и логистика. „Накратко, ова се токму секторите каде што на Германија ѝ се итно потребни квалификувани работници. Оваа селективна емиграција претставува значителен ризик за економската одржливост на Германија во иднина.“

Високи даноци и зголемена дискриминација

Но, кои се причините за тоа? За оние што сакаат да се вратат во земјата на потекло, примарна улога играат семејните причини, додека мигрантите кои сакаат да се преселат во друга земја првенствено се надеваат на подобри можности за кариера и поголема заработка.

Прекумерните даноци и бирократијата во Германија често се наведуваат како причини за преселба. На ова се додаваат искуствата со дискриминација.

„Речиси две третини од мигрантите пријавуваат перципирана дискриминација, на пример, на работа, на пазарот на домување, на јавни места или во контакт со полицијата“, вели Галегос Торес.

„Една третина од мигрантите исто така се чувствуваат или недобредојдени или само донекаде добредојдени. Фактори кои значително ја зголемуваат тенденцијата за емигрирање.“

Политичката ситуација има одвраќачки ефект

Културата на добредојде продолжува да се намалува. „Во 2024 година, во дебатите многу доминираше темата за миграцијата, а општественото прифаќање не беше особено високо“, забележува истражувачката Јулија Косјакова.

Нешто повеќе од една четвртина од луѓето во Германија имаат доселеничка историја. Добри 21 милион луѓе дошле во Германија од 1950 година, или сами или преку двајцата родители. Само од 2015 година досега во Германија дошле 6,5 милиони луѓе. Најголемите групи меѓу нив се Сиријците и Украинците.

На парламентарните избори во февруари 2025 година, Алтернатива за Германија (АфД), партија која е делумно десно екстремна и е силен застапник за „ремиграција“, стана втора најсилна партија. Коалицијата ЦДУ/ЦСУ победи, ветувајќи построга миграциска политика за време на изборната кампања. Во коалицијата со Социјалдемократите (СПД), првата мерка на миграциската политика беше проширување на граничните контроли. Опцијата за добро интегрираните имигранти побрзо да добијат државјанство беше веднаш ставена на листа за укинување.

„Овие големи дебати за миграцијата и миграциската политика имаат негативни ефекти врз луѓето, врз чувството дека се добредојдени, врз искуствата со дискриминација“, вели Косјакова.

„Ова се причините зошто луѓето велат дека почесто размислуваат за емигрирање или веќе прават планови да ја напуштат Германија.“

Германија не може да си дозволи емиграција

Пресметките на експертите редовно покажуваат дека на Германија годишно ѝ се потребни околу 400.000 дополнителни доселеници, кои ќе останат постојано во земјата, за потенцијалот на работна сила да може да се одржи константен. Тоа е единствениот начин да се компензира демографскиот развој Германија е земја што старее. Има сè поголем број пензионери и сè поголем недостиг на вработени лица. Ова не само што води до недостиг на работна сила, туку и до недостаток на државни приходи за финансирање на пензиите.
Со оглед на ова, студијата на ИАБ покажува дека „клучен предизвик е не само доселувањето, туку и долгорочното задржување на имигрантите“, вели Јулија Косјакова.

Севкупно, постојат многу докази дека мерки како што се намалување на бирократијата, поедноставување на признавањето на квалификациите, зголемување на дигитализацијата и даночните олеснувања би можеле да ја намалат тенденцијата за иселување од Германија, особено кај професионално успешните мигранти, велат истражувачите на ИАБ. Но, потребна е и „широка и искрена“ општествена прифатеност.

Извор: Дојче веле/ Автор: Сабине Кинкарц

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот