Се подготвува ли триумф на екстремната десница на изборите за ЕУ?

Прес-конференција на екстремнодесничари од Франција, Холандија и Чешка / Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Зголемувањето на трошоците за храна, економската стагнација и падот на животниот стандард би можеле да ги турнат гласачите во рацете на крајната десница на европските избори оваа година, што дополнително може да ја разниша политичката агенда во Брисел, пишува АФП. Граѓаните на ЕУ се соочуваат со повеќекратни кризи. Додека економијата на Европската унија се опоравуваше од пандемијата на коронавирус, Москва ја нападна Украина во 2022 година, принудувајќи ја Европа да бара нови извори на енергија.

Цените на бензинот и струјата се зголемија, што им наштети на домаќинствата и бизнисите. Во екот на раст на животните трошоци, европската крајна десница напредуваше. Џорџа Мелони победи на изборите во Италија во 2022 година, а Герт Вилдерс во Холандија минатата година.

„Постои корелација помеѓу подемот на популистичките сили и економската и финансиската криза. Денес радикалната десница значително го искористува чувството на осиромашување и многу силниот песимизам кај гласачите“, вели Тиери Шопен, политиколог од Институтот Жак Делор.

Мнозинството граѓани очекуваат пад на животниот стандард

Инфлацијата сепак паѓа, што им дава надеж на европските политичари дека економијата на ЕУ ќе се подобри по повеќе од една година без раст. Но, подобрувањата ќе почнат да бидат видливи дури по летото, а не за време на изборите за Европскиот парламент во земјите од ЕУ од 6 до 9 јуни.

Речиси тројца од четворица жители на ЕУ веруваат дека нивниот животен стандард ќе падне оваа година, а речиси секој втор вели дека тој веќе е влошен, според истражувањето на Евробарометар на Европскиот парламент објавено во декември.

Околу 37 отсто од анкетираните изјавиле дека имаат потешкотии да ги платат сметките. Затворањето на фабриките е се почеста појава во автомобилската индустрија, особено во Германија. Помеѓу ноември и јануари, производителот на автоделови Бош соопшти дека укинува 2.700 работни места, додека ЗФ затвори фабрика која вработува 700 луѓе, а Континентал објави дека ќе укине неклку илјади административни работни места.

Германија е во рецесија и тоа ја погодува цела Европа

„Германската индустрија е силно погодена од високите цени на енергијата и страда од електричната транзиција во автомобилската индустрија. Во моментов не гледаме пресврт во нарачките“, вели Шарлот де Монпелје, економист во ИНГ банка.

Германија е во рецесија од минатата година, а тоа ја погодува цела Европа. Потрошувачката е се уште слаба поради високите цени. Рекордно високите каматни стапки на Европската централна банка за ограничување на инфлацијата им штетат на инвестициите и предизвикуваат застој на пазарот на недвижности.

Во меѓувреме, меѓународната трговија, притисната од забавувањето на Кина, не може да ја компензира слабата домашна побарувачка.

„Економијата на еврозоната стагнираше во (четвртиот квартал) и мислиме дека ќе стагнира и во првата половина од оваа година, бидејќи ефектите од минатото монетарно стегање продолжуваат да се чувствуваат и фискалната политика станува сè порестриктивна“, изјави Џек Ален-Рејнолдс од Капитал Економикс.

Силен раст на партиите кои припаѓаат на групата „Идентитет и демократија“

Земјите-членки на ЕУ се исто така ограничени од правилата на ЕУ за јавната потрошувачка. Франција во февруари повторно го воведе данокот на струја, што предизвика зголемување од речиси 10 отсто. „Мерките за штедење можат да турнат огромен број наши граѓани во рацете на крајната десница бидејќи се чувствуваат напуштено“, предупреди европратеникот Филип Ламбертс.

Неколку истражувања покажуваат силен пораст на екстремно десничарските партии кои припаѓаат на групата „Идентитет и демократија“ (ИД). Таа групација ги вклучува францускиот Национален собир на Марин Ле Пен, германската партија АфД, белгискиот (фламански) Влаамс Беланг и австриската ФПО.

ИД би можела да стане третата по големина група во Европскиот парламент и да ја загрози либералната пратеничка група „Да ја обновиме Европа“, која има слична сила како радикално десничарската група која расте – Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Екстремната десница би можела да ја блокира поголемата интеграција

ЕЦР ја вклучува партијата на Џорџија Мелони, полскиот ПиС, шпанскиот Вокс, итн. „Големата коалиција“ која ги собира народните партии, социјалдемократите и „Да ја обновиме Европа“ треба да остане мнозинство во Европскиот парламент, но несомнено ќе биде ослабена“, рече Шопен. .

Според студијата на тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, оваа коалиција годинава би можела да освои 54 отсто од местата во Европскиот парламент, што е пад од сегашните 60 отсто. Екстремната десница веќе врши притисок врз институциите на ЕУ, на пример со поддршка на револтот на земјоделците во последните неколку недели.

Доколку излезе посилна по изборите во јуни, екстремната десница најверојатно ќе бара построги миграциски политики и уште повеќе ќе го отежне донесувањето закони во одредени области како што е заштитата на животната средина. Екстремната десница, исто така, ќе се обиде да блокира поголема интеграција во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот