Националниот Совет за интегрирано гранично управување/Фото: Влада на РСМ/30 јуни 2023

Се отвора патот за воведување полиграф за полициските и царинските службеници на граничните премини

Иницијативата да се воведе полиграфско тестирање на припадниците на граничните служби како што се полицајците, царниците и другите службеници на граничната линија за кои постои перцепција дека се меѓу најкорупираните во државата доби виза од Националниот совет за спроведување на стратегијата за интегрирано гранично управување, дознава „Слободен печат“.

Во Националниот совет кој почна со работа во јуни минатата година, каде членуваат претставници од седум министерства и пет директорати консензуално прифатена е  иницијативата за полиграф како специфична алатка која ќе помогне со справувањето со корупцијата, шверцот и криминалот на граничните премини.

Идејата пред неколку месеци потекна од проф. Владимир Пивоваров, кој е национален координатор за гранично управување и кој при посета во Брисел предложи да се донесе директива за користење полиграф пред сѐ на граничната линија со што ќе утврди дали овие службеници се чесни или не се.

За полиграфот како алатка за утврдување на интегритетот на службениците од граничната полиција и царината и другите високоризични места во наредниот период треба да се отвори јавна дебата, меѓу другото и за потребата дали оваа материја ќе се регулира со нов закон или пак со измена на постојните, како и за тоа кои се импликациите ако службеник „падне“ на полиграфското тестирање.

Во меѓувреме, од Царинската управа најавија формирање на сектор за ПИ мерки, како и набавка на „боди камери“ и систем на паметни камери за справување со организираниот криминал, шверцот и корупцијата.

Минатата година „боди камери“ наменети за документирање на полициското постапување во остварувањето на работните задачи, донираше и американската амбасада во Скопје за подобрување на квалитетот и ефикасноста во работењето на македонската полиција.

Во таа прилика министерот Оливер Спасовски кој со амбасадорката Анџела Агелер го посети граничниот премин Богородица, истакна дека потребата од „боди камери“ не само во граничната полиција, туку и во сообраќајната полиција претставува извонредна алатка за борба против корупцијата во институцијата, меѓутоа и за поинакво, понормално и подостоинствено постапување и на полициските службеници и на граѓаните, заради тоа што се менува односот на комуникацијата меѓу граѓаните и полициските службеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот