пензионери, пензија
Пензионери, Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Се намалува „пензиската дупка“, помала е помошта од државната каса

Парите добиени од државната каса минатата година учествувале со 38 проценти во вкупните приходи на Фондот за ПИОМ, во 2020 година со 38,5 проценти, а во 2015 година со 41,7 проценти

Со последниот ребаланс на Буџетот за 2021 година, од државната каса се наменети 498 милиони евра за да се покрие „дупката“ во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во текот на минатата година. Ова значи дека лани буџетските приходи учествувале со 38 проценти во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои изнесувале 1,3 милијарди евра, каде што најголемиот дел, односно 788 милиони евра, се придонесите за пензиското осигурување. Конечните финансиски резултати за 2020 година, кои се објавени од Фондот, покажуваат дека во 2020 година, „буџетската дупка“ се закрпила со 38,5 проценти буџетски пари, додека ако се вратиме малку повеќе назад, во 2015 година, трансферот од државната каса во вкупните приходи изнесувал 41,7 проценти.

Овие податоци се охрабрувачки ако се земе предвид дека долго време во минатото се зборуваше за раст на процентуалното учество на буџетските пари во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

На овој нов тренд укажаа од Партијата на пензионери, од каде што побараа вонредно зголемување на пензиите, потенцирајќи дека пензискиот фонд тоа може да го издржи, затоа што веќе во континуитет се намалува трансферот од Буџетот кон Фондот за ПИОМ.

Во анализата на податоци, објавена од Фондот за ПИОМ, како една од причините за намалување на буџетските трансфери се наведува растот на процентуалното учество на придонесите во вкупните приходи и тоа како резултат на зголемената стапка на пензискиот придонес и растот на вработувањата. Таму се посочува дека кога пензискиот придонес бил 21,2 проценти во 2008 година, учеството на придонесите во вкупните приходи било 68 проценти, во 2018 година кога придонесот изнесувал 18 проценти, учеството на собраните пари во вкупните приходи на Фондот за ПИОМ изнесувало 55,17 проценти, додека во 2021 година со пензиски придонес што изнесувал 18,8 проценти од бруто-платата, во Фондот за ПИОМ се собрале 58,34 проценти од вкупните приходи. Притоа е нагласено дека овој процент би бил и поголем доколку не беше пандемијата.

Професорот Мирољуб Шукаров, пак, уште пред повеќе години, независно од зголемувањето на стапката на пензискиот придонес, тврдеше дека ќе дојде време кога дури и нема да има потреба од префрлање пари од Буџетот во Фондот и дека тој ќе продуцира вишоци. Според опсежната анализа што беше презентирана од професорот Шукаров во 2017 година, кога сѐ уште не се насетуваше пандемијата, доколку се задржаа тогашните параметри за стапка на економски раст, раст на пензии, број на пензионери…, државните трансфери во Фондот требаа да се сведат на нула во 2027 година, а во 2030 година не само што не би требало да има буџетска партиципација, туку би се создал вишок од 130 милиони евра во Фондот за ПИОМ.

За пензии 1 милијарда евра

Од вкупните расходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кои во 2020 година биле 77,2 милијарди денари, односно 1,25 милијарди евра, за пензии отишле 60,2 милијарди денари, односно нешто помалку од 1 милијарда евра. Останатите пари одат за трансфери на средствата за приватните пензиски фондови, затоа што целиот пензиски придонес прво оди во државниот фонд, а потоа дел се издвојува за приватните задолжителни фондови, потоа за надоместоци од инвалидското осигурување, за интернатско сместување на деца инвалиди и телесно оштетување, за придонес за здравствено осигурување за корисниците на пензија, а секако од овие пари се финансира и самиот Фонд за ПИОМ, како институција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот