Фото: EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Се „лизга“ вредноста на акциите на азиските берзи

Азиските берзи бележат пад на вредноста на акциите, што беше случај и на Вол Стрит во текот на вчерашниот ден, бидејќи инвеститорите се загрижени поради непопустливото ширење на коронавирусот во светот.

Индексот МСЦИ на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во 7 часот утрово беше минус 0,5 отсто. Притоа, индексот Никеи на берзата во Токио ослабна за 0,2 отсто додека вредноста на акциите во Сингапур, во Јужна Кореја, во Шангај, во Хонг Конг и во Австралија падна меѓу 0,2 отсто и 1,7 отсто.

Азиските инвеститори ги обесхрабри вчерашниот пад на вредноста на акциите на Вол Стрит, при што Доу Џонс индексот падна за 2,3 отсто, С&П 500 се „лизна“ за 1,9 отсто, а Насдак индексот за 1,6 отсто.

Тоа се припишува на растот на бројот на новозаразени со коронавирусот во Европа и во некои делови на САД. Бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во САД достигна највисоко ниво во последните два месеца додека Франција, Русија и други земји евидентираат рекордни дневни бројки на позитивни случаи.

Сето тоа се сигнали дека американската и светската економија нема да се опорават така брзо, како што се надеваа инвеститорите. Згора на тоа, се поверојатно е дека Белата куќа и Конгресот нема да постигнат договор за стимулативни мерки пред претседателските избори на 3 ноември.

Инвеститорите се претпазливи и за исходот на изборите во САД на кои би можел да победи кандидатот на демократите, Џо Бајден, како и поради податокот за забавување на растот на профитот во кинескиот индустриски сектор во септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот