
Сè е по закон при изборот во доцент на баџанакот на Тошковски, утврдил вонредниот инспекциски надзор
Постапката за избор на Стевчо Јолакоски, баџанак на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, за доцент на Факултетот за безбедност во Скопје за научна област „полициски науки“, е според сите закони, утврдено е преку вонредниот надзор на Државниот просветен инспекторат, кој бил извршен пред да биде донесена конечната одлука на Наставно-научниот совет.
Препорачано
– Врз основа на наводите од утврдената фактичка состојба од увидот во документацијата, а во однос на наведениот предмет на надзор, советникот – државен просветен инспектор при Државниот просветен инспекторат констатира дека до денот на надзорот, постапката по објавен конкурс за избор на доцент е во согласност со одредбите на Законот за високо образование и Правилникот за посебните услови. Постапката по објавен конкурс за избор на еден наставник во сите наставно-научни звања на научната област „полициски науки“ на Факултетот за безбедност Скопје, единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола е во согласност со одредбите на Законот за високо образование и Правилникот за посебните услови и постапка за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни наставни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Климент Охридски – Битола. Според наведеното, поради неутврдени неправилности во рамките на надлежностите на Државниот просветен инспекторат, инспекциската постапка се запира – пишува во записникот што го изготвил инспекторот, а кој „Слободен печат“ го доби преку барање за слободен пристап до информации.
При надзорот бил направен увид во документацијата на кандидатите, но само формално. За сите тројца кандидати што се пријавиле на конкурсот е констатирано дека ги исполнуваат минималните услови што се бараат за избор на доцент.
Другите двајца имале повисок просек од Јолакоски – едниот бил студент на генерација, а двајцата се надградувале во областа на безбедноста. За разлика од нив, Јолакоски нема никакво безбедносно искуство, туку долги години работел во Министерството за транспорт и врски на повеќе позиции.
Ниту Антикорупциската комисија нема оформено предмет за постапката за избор на доцент и, според одговорот што го добивме оттаму, дополнително ќе го разгледува и ќе оцени дали ќе се истражува.
– Во врска со постапката за избор на доцент на Факултетот за безбедност, Државната комисија за спречување на корупцијата нема оформен предмет и до денес не е доставена пријава со сомнежи за корупција и судир на интереси за наведениот случај. ДКСК го разгледа случајот и дополнително ќе оцени дали ќе оформи предмет во однос на наводите истакнати во Вашето прашање – велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Според биографијата што ја доставил Јолакоски, тој има завршено правни студии на Правниот факултет во Скопје со просечен успех 8,02, магистрирал на истиот факултет во насоката Граѓанско право со просек 8,10, го одбранил магистерскиот труд на тема „Договор за закуп со откуп“, а докторирал во 2014 година на Факултетот за безбедност на тема: „Значењето на средствата за смирување на сообраќајот во насока на подобрување на секундарната патна мрежа (безбедносно-практичен и економски аспект)“.
Јолакоски прво стажирал како приправник во Основниот суд Скопје 2, а потоа како стручен соработник кај адвокат во Скопје. Од 2006 години е во Министерството за транспорт и врски на повеќе позиции. Бил раководител на Секторот за патен сообраќај и инфраструктура во Министерството за транспорт и врски, од 2015 година е државен советник за патен сообраќај во ова Министерство, а сега е кабинетски службеник за следење на проекти во Министерството за транспорт. Јолакоски нема искуство во наставно-образовната дејност, а од 2024 година со решенија од министерот за транспорт и врски и од Владата е ангажиран во повеќе тела и комисии.
Во приговорот што го поднел еден од кандидатите се оспорува рецензентскиот реферат што го предлага кандидатот Стевчо Јолакоски за избор во звањето доцент.
– Сметам дека постојат сериозни пропусти и недостатоци во однос на неговото образование професионално искуство и релевантност, како и неправилности во начинот на кој е оценет. Недоволна релевантност на образованието и стручноста на кандидатот. Тој го завршил првиот циклус на студии на правниот факултет со просек 8,02 кој го задоволува законскиот минимум за избор на доцент на самата граница, како и втор циклус на истиот факултет во областа на граѓанското право со просек 8,10 на тема „Договор за закуп со откуп“, која апсолутна нема никаква поврзаност со полициските науки. На крај одбранил докторска дисертација на Факултетот за безбедност според старата програма, без полагање испити. Од неговите академски квалификации се гледа дека кандидатот Стевчо Јолакоски никогаш директно не дошол во допир со научната област полициски науки, бидејќи на ниту еден од трите циклуси на високото образование не следел, ниту полагал академски предмети кои се поврзани со областа во која треба да се избере – пишува во дел од приговорот.
Инаку, вториот кандидат завршил на Факултетот за безбедност со просек 9,85 и како најдобар студент на генерацијата стекнал диплома дипломиран криминалист. Вториот циклус на студии на истиот факултет ги завршил со успех 9,57 и станал магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата. Студиите ги завршил со просечен успех 10 и станал доктор на науки од областа на безбедноста. Магистрирал и во Женева каде што се стекнал со титула магистер по напредни студии во областа на меѓународната безбедност, се наведува во неговата биографија. Потоа работи во институции поврзани со полиција и безбедност. Има објавено 20 труда, а во последните пет години објави осум научни и стручни труда.
Јолакоски, освен што е вработен во Министерството за транспорт и врски, каде што претходно работеше и Тошковски, е член и на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола.
Реакција за изборот имаше и политичката партија „Левица“.
– Овој случај е уште еден доказ дека сегашната власт продолжува да ја уништува секоја институција поради лични интереси и хирови. Политичките и роднинските врски го задушуваат знаењето и талентот, создавајќи општество во кое младите ја губат вербата во можноста за успех во Македонија. Одлучувачките органи, наместо да бидат чувари на академските стандарди и квалитетното образование, станаа алатки за партиски и семејни договори што дополнително го уриваат образовниот систем – реагираа од Левица.