
Се дигна врева за пластичните кеси, а се замижува пред поопасните полипропиленски торби
Производителите посочуваат и дека за само еден месец пропадна и идејата производите да се пакуваат во хартиени кеси, кои не само што се драстично поскапи, туку и „не го држат“, купеното овојше и зеленчук
Четири-пет фабрики за производство на пластични кеси од вкупно триесеттина во земјава, престанаа со работа, а кај другите, производството е драстично намалено. Ова е директен резултат од едногодишната забрана за промет со вакви кеси, велат за „Слободен печат“ извори од браншата.
Препорачано
Од друга страна, трговските синџири си увезуваат биоразградливи кеси од Турција или Грција, а наголемо се увезуваат полипропиленски торби на кои си ги печатат своите логоа, што според експертите е далеку поопасен отпад.
Производителите посочуваат и дека за само еден месец пропадна и идејата производите да се пакуваат во хартиени кеси, кои не само што се драстично поскапи, туку и „не го држат“, купеното овојше и зеленчук. Откако видоа дека хартиените кеси не им се исплатуваат, а се соочија и со реакции од купувачите, кои низ дуќаните ги собираа истурените домати, јаболки, грозје или компири, трговците веднаш заборавија на екологијата, иронизираат производителите на пластични кеси.
-Што направија? Го уништија домашното производство, а во меѓувреме трговците си увезуваат кеси. Никој не вели ништо за полипропиленските торби, а сите се фатија за пластиката за еднократна употреба. Сега слушаме дека парите кои се собрани од продажбата на биоразградливите кеси, ќе се употребат за набавка на контејнери за општините, иако беше ветено дека ќе ни помогнат да го прилагодиме нашето производство – разочарани се нашите извори.
Домашните производители добија преоден период за прилагодување на производството до јуни следната година. Тоа значи дека ќе треба да набават компирово брашно како репроматеријал и да ги пренаменат машините.
-Ова не е некој тежок процес, но за тоа се потребни нови инвестиции, а помош нема од никаде. Единствената добрта вест во оваа ситуација е дека е надминат проблемот со репроматеријалите, па така сега може да се набави компирово брашно од земјите од ЕУ или од Кина – велат дел од трговците со гранулати.