Комисија за заразни болести Мехмедовиќ-Петличковски (1)
Д-р Александар Петличковски и Д-р Злате Мехмедовиќ / Фото: МИА

Се чека одлука од Кризниот штаб и Владата за укинување на сите ковид мерки

Се очекува деновиве најпрвин Главниот координативен кризен штаб, а потоа и Владата да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести за укинување на сите рестриктивни мерки за справување со ковид-19. Во земјава има вкупно 503 активни случаи, а бројката на дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата е 309.434.

Поради намалување на бројот на новозаразени од ковид-19, во средата Комисијата за заразни болести препорача укинување на сите рестриктивни мерки, освен задолжителното носење маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и домовите за стари лица.

Комисијата исто така испрати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.

Според надлежните, вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.

Од Комисијата за заразни болести потенцираат дека на дневна основа ја следат состојбата со КОВИД-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.

Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 124 случаи на ковид-19, од направени 1.798 тестови.

Од новите случаи, во Скопје се 67, Битола 24, Прилеп 8, Охрид 5, Берово 4, Тетово и Кичево по 3, Куманово 2, Кавадарци, Велес, Гостивар, Струмица, Кочани, Ресен, Делчево и Кратово по еден.

Вчера беа регистрирани 114 оздравени пациенти, а немаше пријавено починати лица.

Досега во земјата се направени вкупно 2.015.726 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 309.434, бројот на оздравени пациенти е 299.653, на починати е 9.278. Бројот на активни случаи изнесува 503.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот