фото Архива

Се бара „поврат“ на парите што Теута Арифи неосновано ги исплаќала со договори на дело

Меѓу „стипендистите“ на Теута Арифи има и цело семејство музичари, сопственици на портали, поранешни партиски функционери на ДУИ, пејачи, луѓе што со месеци живееле во странство, во Германија, а дома им „течеле“ плати и хонорари.

Дури 811 граѓани, меѓу кои има и универзитетски професори, уметници, пејачи, сопственици на портали, имале склучени договори на дело со Општина Тетово за 2021 година, информираат од Општина Тетово.

– Општина Тетово, заложувајќи се за максимална транспарентност кон јавноста, го објавува списокот на сите договори на дело склучени со Општина Тетово за 2021 година. Станува збор за вкупно 811 договори на дело. Овие договори се склучени меѓу физички лица и Општина Тетово, под раководство на структурите од претходната локална власт. На лицата што донеле извештај за сработеното, според нивниот договор, ќе им бидат исплатени сите преостанати плати што не беа исплатени како резултат на увидот за овој законски прекршок на претходната власт. На оние, пак, кои не испратиле извештај за сработеното, ќе им биде испратено известувањето за враќање на добиените средства од нивните договори во буџетот на Општина Тетово. Во спротивно, ќе се соочат со кривични пријави – соопштија од Општина Тетово.

Засега не се знае зошто поранешната градоначалничка на Тетово Теута Арифи склучила толку голем број договори. „Слободен печат“, иако се обидуваше да стапи во контакт телефонски и преку СМС-пораки со Теута Арифи, не успеа да добие нејзин коментар.

Меѓу „стипендистите“ на Теута Арифи има и сопственици на портали од Тетово, поранешни партиски функционери на ДУИ, пејачи, но и луѓе што се вработени и земаат добри плати. Но, има и случаи каде што на „стипендистот“ му е платена договорна работа, но со месеци е во странство, во Германија.

– Замислете, поранешната градоначалничка на Тетово Теута Арифи во предизборниот период дала повеќе од 800 договори. Тоа што го направи Теута Арифи, ДУИ го прави во секоја институција каде што владеат нејзините кадри. Во оваа форма, покрај тоа што ги злоупотребува нашите пари и го инсталира менталитетот „остани дома и земај плата“, ДУИ постојано ја отуѓуваше и ја купуваше јавната волја со парите за кои верувавме дека ќе ги управуваат правилно. Овој режим треба да падне што е можно побрзо! Нè осиромашија и нè посрамотија – реагираше Омер Ајдини, претседател на Младинскиот форум на Алијансата за Албанците, по објавувањето на списокот со договори за работа за 2021 година од страна на Општина Тетово, кои ги потпишала поранешната градоначалничка Теута Арифи.

За четири члена на едно семејството по 30.000 месечно?

Меѓу 811 објавени имиња што склучиле договор на дело со Општина Тетово за 2021 година, најпознато име е Селами Колоња, професор на Тетовскиот универзитет и пејач од Струга. Тој секој месец добивал по 30 илјади денари од Општина Тетово, заедно со Таулант Колоња, Бесарт Колоња и Елмедина Колоња.

Ако Селами Колоња имал договор на 12 месеци, заедно со другите три члена од неговото потесно или пошироко семејство, од Општина Тетово заедно добивале по 360 илјади денари или вкупно 1.440.000 денари или пресметано во евра 23.414 годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот