
СДСМ обвинува за зголемена смртност, директорот на Детска тврди дека е во рамки на нормалата, но и дека фалат специјалисти
Опозициската СДСМ бара оставка од Министерот за здравство, Арбен Таравари и тврди дека на Клиниката за детски болести за шест месеци починале 20 деца, додека директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди тврди дека стапката на смртност е во рамки на нормалата.
Препорачано
-Во втората половина на 2024 година, починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче. Овие трагични бројки отвораат многу прашања за кои јавноста заслужува одговори. Зошто и како се направени пропустите, каде затајува системот, дали се штитат лекарски грешки? Особено алармантен е последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините. Ова е втор ваков случај за само два и пол месеци на Клиниката за детски болести, по трагичната смрт на 14-месечно бебе, кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе старо само 8 дена донесено од Струмица во многу лоша здравствена состојба, почина од сепса и уште други трагични случаи, рече денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на ИО на СДСМ.
Мемеди уверува дека на Клиниката 24 часа има специјалисти кои се грижат за сите пациенти, а за специјализантите вели дека се дел од тимовите и дека станува збор за дипломирани доктори со лиценца кон кои треба да се покаже почит.
-Комплетната грижа, професионална и медицинска сите деца ја имаат и за жал починатото дете кое е згрижено од првиот ден, го добило комплетниот третман, професионален медицински, но за жал, еве тоа е општо познато, дека не секогаш успеавме да ги спасиме животите на сите деца, има некоја стапка на смртност, но тоа е во рамките на нормален просек – изјави директорот и додаде дека на Клиниката се лекуваат околу 70 илјади деца.
Тој потврдува дека имаат недостаток на кадар и специјалисти.
-Сега кога имаме недостаток можам да кажам на повеќе од 15 специјалисти ни фалат по систематизација, секако дека е невозможно ние да направиме распоред со поголем број на специјалисти кои ќе дежураат – изјави директорот.