
СДСМ: Каков е бизнис интересот на Божиновска и Мицкоски со „Алказар Енерџи“?
Наместо да се искористи за стабилизирање на енергетскиот систем и поевтина струја за граѓаните и компаниите, македонскиот ветер ќе полни приватни џебови. Владата на ВМРO-ДПМНЕ прави класична распродажба на националните ресурси од македонската енергетика, кажа денеска на прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Препорачано
Иако вели дека Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку.
„Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум. Па прашањето не е дали ветерниот парк ќе биде продаден, туку кога и на кого. Нема ништо стратешко овде, освен ако измамата за граѓаните не е стратешки планирана. Кој е вистинскиот бизнис интерес на Мицкоски? Дали тука се вклучени и контроверзни имиња од регионот, добро познати од трговијата со струја? Дали со нив соработувал тандемот Мицкоски – Божиновска? Пред една година од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека паркот ќе обезбеди струја за 100.000 граѓани. Сега Мицкоски смени лента, од собраниска говорница најавува дека странска компанија ќе ја откупува струјата. Па, кого навистина ќе снабдува овој проект – народот или приватниот купувач?“, прашува Илиевски.
Според него, случајот Алказар Енерџи отвора и серија прашање за тоа дали има одобрение за градба на овој ветерен парк или не.
Тој рече дека СДСМ бара јавно да се објави органот кој го издал одобрението за градба и кога истото станало правосилно ако воопшто го има.