
СДСМ бара оставка од Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ порача дека се плашат од министерот зашто апси криминалци
СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за како што велат хаосот на улиците што го прават криминалните банди. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека системот функционира, се водат истраги и се апсат луѓе кои во време на СДС беа заштитени и недопирливи.
Препорачано
-Хаос владее на улиците – безбедноста на граѓаните е сериозно нарушена. Додека Панче Тошковски се изживува врз граѓаните и поднесува кривични пријави за објави на Фејсбук, криминалните банди му праќаат порака дека тој не ја контролира безбедноста и не му се плашат. МВР, под водство на Панче Тошковски, како никогаш досега е паднато на колена до таа мера, што вчера пред полициска станица, сред бел ден во Скопје, се случи уште една мафијашка престрелка. Пред очите на јавноста, во двор на полициска станица се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени – рече Симона Цветаноски од СДСМ на прес конференција.
Според неа, ова е тотален распад на безбедносниот апарат и констатира дека нешто сериозно не е во ред со институциите, со системот. Според Цветаноски, цената за неспособноста во управување со безбедносниот систем ја плаќаат граѓаните и тоа прескапо, со своите животи.
Таа праша како може да нема одговорност за никој во МВР и во полициските структури.
-Дури и за најголемата трагедија во Кочани се уште нема одговорност од актуелни полициски функционери кои на денот на пожарот биле на позиции а не презеле ништо. Безбедноста е нарушена, криминалот и насилството се шират на секој чекор, во МВР владее тотален хаос и нефункционалност а никој не презема одговорност. Уште колку луѓе треба да загинат за Панче Тошковски конечно да понесе одговорност?Доста беше Тошковски. Време е за оставка, време е за одговорност. Тоа е прв чекор за враќање на безбедноста на улиците, во државата, за враќање на мирот и спокојот на граѓаните – рече Цветаноски.
Таа додаде дека СДСМ ќе продолжи гласно да се бори за враќање на безбедноста на улиците, владеење на правото и за функционални институции што работат во интерес на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на СДСМ дека системот функционира, се водат истраги и се апсат луѓе кои во време на СДС беа заштитени и недопирливи.
–СДС е партија која за време на нивното владеење, државата ја претвори во оаза за белосветски криминалци и наркобосови. Во мандатот на нивниот долгогодишен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се доделуваа македонски пасоши на светски криминалци, наркобосови, мафијаши, па дури и на припадници на ИСИС. Исто така, за време на неговото министерување и владеење на СДС, пробивани беа акции за меѓународен шверц на дрога. Луѓе од системот под раководство на СДС и Спасовски споделуваа информации со наркокартелите што ги загрозуваа акциите на меѓународните институции за сузбивање на трговијата со дрога – велат од вМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека во време на владеење на СДСМ и со Спасовски на чело на МВР јавно беше познато дека, мафијата си доби своја држава.
-Ако некој го загрози безбедносниот систем на државата тоа е токму СДС со сето ова погоре набројано, а освен македонскиот, таа влада на СДС целосно го загрози безбедносниот систем и на другите пријателски земји. СДС се плаши од самиот факт и знаење дека Панче Тошковски расчистува со криминалците и што законот, после долги децении, важи за сите подеднакво. Оттука доаѓаат и нападите на СДС кон Тошковски, затоа што веќе нема недопирливи и веќе се апсат криминалци кои СДС долги години, не сами што ги толерираше, туку и ги штитеше. Сега се водат истраги и се приведуваат луѓе за кои постои сомнеж за прекршување на законите, како од опозицијата така и од власта, нешто што не беше случај за време на владеењето на СДС – велат од ВМРО-ДПМНЕ.