
Саркози: Невин сум, ќе ја обжалам пресудата
Поранешниот француски претседател Никола Саркози денес изјави дека е невин и дека одлуката на парискиот суд да го осуди на пет години затвор за неговата вмешаност во случај отворен поради сомневања за либиско финансирање на претседателската изборна кампања во 2007 година е скандалозна.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Оваа пресуда е исклучително сериозна за владеењето на правото. Омразата не познава граници. Ако сакаат да спијам во затвор, ќе спијам во затвор, но со крената глава. Јас сум невин. Оваа неправда е скандал. Ќе се жалам. Ќе се борам до последен здив“, рече Саркози, според „Ле Фигаро“.
Адвокатот на Саркози, Кристоф Енгрен, рече дека му е многу тешко што нема докази, туку само претпоставки.
„Тој беше осуден врз многу чудни основи, кои всушност се измислени. Причината зошто беше осуден е тоа што наводно бил обвинет дека им дозволил на своите колеги, Брис Ортфе и Клод Геан, да разговараат за финансирање од Либија“, рече Енгрен.
Според францускиот телевизиски канал, Саркози ќе биде приведен во наредните недели.
Поранешниот француски шеф на државата, кој беше на чело на Франција од 2007 до 2012 година, беше прогласен за виновен за злосторничко здружување помеѓу 2005 и 2007 година, објавува „Ле Фигаро“. Во исто време, тој беше ослободен од обвиненијата за прикривање проневера на јавни средства и пасивна корупција. Обвинителите бараа да биде осуден на седум години затвор.
Претседателката на судот, Натали Гаварино, во образложението на судската одлука наведе дека е виновен за злосторничко здружување бидејќи „им дозволил на своите блиски соработници да дејствуваат со цел да добијат финансиска поддршка“ од тогашните либиски власти предводени од Моамер Гадафи.
Покрај Саркози, во истиот случај беа обвинети уште 11 лица, меѓу кои и тројца поранешни министри, од кои тројца беа ослободени.