
Сан Диего прогласен за најопуштен град во светот: Има рекордни 266 паркови и голем број музеи, театри и градини
На новата глобална ранг-листа Сан Диего е прогласен за најопуштен град во светот. Истражувањето го спроведе компанијата „Холафлај“ на примерок од 50 градови ширум планетата, користејќи податоци од платформите „Трипадвајзор“ и „Нумбео“.
Препорачано
Студијата ги земала предвид параметрите како број на паркови и резервати на природа, број на бањи, густина на сообраќај, квалитет на воздух, број на сончеви денови во годината, како и вкупниот индекс на среќа за 2025 година. Секоја метрика била оценета од 1 до 100, а конечниот резултат е пресметан како просек – колку повисок, толку поопуштен град.
Сан Диего го зазеде врвот благодарение на својата обала, стил на живот и рекордни 266 паркови и резервати – повеќе од било кој друг град во студијата. Градот се наоѓа на границата со Мексико и е втор по големина во Калифорнија, а осми во целите САД. Најпознатата атракција е Балбоа паркот со музеи, ботанички градини, театри и прочуениот зоолошки врт, кој привлекува и туристи и локални жители.
На второ место се најде Сингапур со 242 парка и дури 698 велнес центри, како и највисок индекс на среќа кај своите жители. Трето место зазеде Виена, позната по чистиот воздух, зеленилото и ефикасниот сообраќај. Потоа следуваат Сиднеј и Мелбурн, додека меѓу првите десет се вбројуваат и Берлин, Окланд, Портланд, Рим и Хелсинки.
Европа на листата ја претставуваат и Мадрид и Барселона, што уште еднаш ја потврдува способноста на стариот континент да ја спои културата со квалитетот на живот.