Протести Лос Анџелес САД. EPA-EFE/ALLISON DINNER

САД: Спласнаа тензиите во Лос Анџелес по укинувањето на полицискиот час

Во Лос Анџелес  спокојот се врати во вторникот, откако градоначалничката Карен Бас одлучи да го укине ноќниот полициски час воведен пред една недела, додека гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, се обидува да ја врати контролата врз Националната гарда, која беше испратена во градот од американскиот претседател Доналд Трамп за да се соочи со демонстрантите кои протестираат против неговата имиграциска политика.

Бранот апсења на нелегални имигранти од страна на агенцијата за имиграција (ИЦЕ) ги налути некои жители на Лос Анџелес. Протестите против овие операции доведоа до спорадични немири и инциденти.

Трамп брзо ги обвини локалните власти, кои припаѓаат на Демократската партија, дека ја изгубиле контролата врз градот и испрати 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци во Лос Анџелес.

Оваа одлука на американскиот претседател беше остро критикувана и од Њусом и од Бас, кои го обвинија за инструментализирање на ситуацијата.

И покрај импресивните слики од запалените роботски такси возила, и покрај грабежите и судирите со полицијата, инцидентите беа ограничени на некои области од центарот на Лос Анџелес.

Карен Бас воведе ноќен полициски час на подрачјето од 5 квадратни милји на 10 јуни.

Мерката „одлично ги заштити продавниците, рестораните, бизнисите и домовите од вандали“, изјави вчера градоначалничката од демократите, најавувајќи го укинувањето.

Тензиите во Лос Анџелес се намалија од викендот, кога илјадници луѓе учествуваа на маршот „Без кралеви“ .

Но, Бас рече дека е подготвена да го „воведе“ полицискиот час доколку е потребно.

Интензивирајќи ги федералните операции против нелегалните имигранти во Лос Анџелес, Трамп ја нападна Калифорнија, држава-засолниште за оние без легални документи и дом на голем број имигранти.

Неговата одлука да ја распореди Националната гарда без согласност на гувернерот на државата е нешто што никогаш не се случило од 1965 година.

Гевин Њусом ги критикуваше авторитарните тенденции на американскиот претседател и се обрати до судовите за да ја врати контролата врз ситуацијата.

Минатата недела, федерален судија пресуди во негова корист, утврдувајќи дека распоредувањето на Националната гарда во Лос Анџелес било нелегално и дека насилството, кое било ограничено на неколку блока, немало никаква врска со „немирите“ како што ги нарече федералната влада.

Но, одлуката е одложена бидејќи Министерството за правда на САД поднесе жалба, кое започна сослушувања во вторник во апелациониот суд во Сан Франциско.

За време на сослушувањето, портпаролот на Министерството за правда, Брет Сумата, рече дека „Националната гарда е неопходна“ во Лос Анџелес.

Нивната мисија е да „ги заштитат федералните згради од нови прекршувања и од насилни немири со употреба на пиротехника, молотови коктели и фрлање парчиња цемент врз членовите на ICE“, инсистираше тој.

Од своја страна, Самуел Харборт, претставувајќи ја државата Калифорнија, оцени дека локалните сили за спроведување на законот „ја вршат својата работа“ и управуваат со ситуацијата. Полицијата во Лос Анџелес извршила речиси 600 апсења од почетокот на протестите, а вчера локалниот обвинител објави кривично гонење на околу 30 лица.

Во овие околности, распоредувањето на Националната гарда е „екстремна мерка“ и неоправдано, нагласи Харборт. Тоа се заканува „понатамошно да ја влоши тензијата и да го зголеми ризикот од насилство во градот Лос Анџелес“.

Одлуката на апелациониот суд се очекува во наредните денови и ќе има значајни импликации врз моќта на американскиот претседател да распореди војска на американска почва, а случајот веројатно ќе стигне до Врховниот суд.

„Убеден сум дека разумот ќе победи“, рече Њусом во соопштението. „Местото на американската војска е на бојното поле, а не на американските улици“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот