
САД ќе ја снабди Украина со касетна муниција, оружје на кое ОН се спротиставува оти убива луѓе и по неколку години
Пентагон денеска најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 800 милиони долари, кој меѓу другото ќе вклучува и касетна муниција. Белата куќа одржа прес-конференција за испраќањето касетна муниција во Украина пред соопштението на Пентагон.
Препорачано
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан изјави дека Русија користи такво оружје од почетокот на војната.
„Русија користи касетна муниција од почетокот на оваа војна. Украина бара касетни бомби за да се одбрани од руската агресија. Во основа, ние сфаќаме дека таквото оружје е ризик, но тоа важи и ако Русите заземат поголема територија, тој рече.
„Постои голема разлика помеѓу типот на касетна муниција што ја користи Русија и видот што САД би го испратиле во Украина. Русија веќе расфрлила десетици милиони од ова оружје на украинска територија. Мораме да се запрашаме – Дали украинската употреба на касетната муниција во истата област претставува дополнителна закана за цивилите, со оглед на тоа дека таа територија сепак ќе мора да биде деминирана“, рече тој.
Саливан додаде дека американскиот претседател Џо Бајден го одобрил испраќањето на оружјето во Украина по едногласна препорака од неговиот тим за национална безбедност.
„Тоа беше тешка одлука“, рече Саливан.
Касетната бомба е оружје што се распрскува во воздух и испушта повеќе помали „бомби“ на широк простор. Тие можат да се користат во форма на воздушна бомба, артилериска ракета или боева глава за крстаречка ракета. Бомбите се дизајнирани да се активираат при удар со земја и многу е веројатно некој во областа да биде убиен или сериозно повреден.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) во Женева го осуди планот, истакнувајќи дека меѓународната Конвенција за касетна муниција се обиде да го забрани оружјето. САД, Русија и Украина не ја потпишаа конвенцијата.
– Касетната муниција расфрла мали бомби на широк простор, рече Марта Хуртадо, портпаролка на ОХЦХР.
„Тие убиваат и осакатуваат луѓе години подоцна по завршувањето на конфликтот“, нагласи таа.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се противи на употребата на касетна муниција, соопшти денеска неговиот кабинет.
„Генералниот секретар ја поддржува Конвенцијата за касетна муниција (ЦЦМ), која, како што знаете, е усвоена пред 15 години и сака земјите да ги почитуваат условите на конвенцијата. Така, се разбира, тој не ја поддржува употреба на касетна муниција на бојното поле“, стои во соопштението.
Конвенцијата забранува секаква употреба, складирање, производство и пренос на касетна муниција.