Северна Кореја во јануари изврши седум тестирања на проектили/ фото: EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

САД и ЕУ со остра реакција на лансирањето на балистичката ракета од страна на Северна Кореја

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, заедно со министрите за надворешни работи на Јапонија и Јужна Кореја, остро го осуди лансирањето на балистичка ракета од Северна Кореја над Јапонија, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Тројцата, исто така, го осудија непочитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН од страна на Северна Кореја и длабоко дестабилизирачките последици од тоа за регионот, рече портпаролот Нед Прајс.

Нед Прајс
Нед Прајс / Фото: Архива на „Слободен печат“

Блинкен истакна дека посветеноста на Америка за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија останува силна и ја повтори важноста од блиска трилатерална соработка за да се бара одговорност од Северна Кореја за нејзиното неприфатливо однесување.

Денес, за прв пат по пет години, нуклеарно вооружената Северна Кореја истрела балистичка ракета над Јапонија, со што ги предупреди своите граѓани да се засолнат. Јапонската влада издаде предупредување до граѓаните додека ракетата ја прелета земјата, пред да падне во Тихиот Океан.

Токио соопшти дека нема преземено одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над островите од 2017 година.

„Серијата акции на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистички ракети, го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик за целата меѓународна заедница, вклучително и Јапонија“, рече владиниот портпарол Хирозаку Мацуно.

Воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека се чини дека станува збор за проектил со среден дострел лансиран од севернокорејската провинција Јаганга. Пјонгјанг веќе ја искористи областа за лансирање на своите ракети, вклучително и неколку за кои тврдеше дека биле хиперсонични.

Јапонската телевизија Асахи, повикувајќи се на неименуван извор од владата, објави дека ракетата паднала на околу три илјади километри од Јапонија.

Поради севернокорејската ракета во прекин е железничкиот сообраќај во северните региони на Јапонија, јави јапонската телевизија НХК. Ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

ЕУ го осуди лансирањето ракета од Северна Кореја како неоправдана агресија

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска „остро” го осуди севернокорејското лансирање на балистичка ракета што прелета над Јапонија, нарекувајќи го „неоправдана агресија”.

Ова лансирање ракета, што го поттикна Токио да го активира својот систем за предупредување, „е намерен обид” да се загрози безбедноста на регионот, напиша Мишел во твит.

„Европската унија е во солидарност со Јапонија и Јужна Кореја”, додаде тој.

Шарл Мишел
Шарл Мишел / 24 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот