
САД и ЕУ се залагаат за изборни реформи во БиХ
Американскиот специјален пратеник за Балканот, Метју Палмер, и дипломатката на Европската Унија, Анџелина Ајхорст, денеска во Сараево ги почнаа разговорите со босанските политичари за изборните реформи, но клучните учесници веќе потврдија дека не се откажуваат од нивните барања, кои го блокираа процесот.
Препорачано
Претседателот на ХДЗ за БиХ, Драган Човиќ, за новинарите во Сараево изјави дека е уверен оти, и покрај постоечките разлики, договор за реформирање на изборниот систем ќе биде постигнат до крајот на годината, но повтори дека неговата партија ќе инсистира на решенија што ќе обезбедат легитимна застапеност на конститутивните народи во телата на власта.
-Конститутивноста на народот е најважната уставна категорија и Уставот мора да се почитува – рече.
Човиќ, истакнувајќи дека ова се однесува подеднакво на начинот на кој се избираат членовите на Претседателството на БиХ, како и пратениците во домовите на ентитетите, односно државата, кои мора да ја одразуваат волјата на конститутивниот народ чии интереси треба да ги застапуваат.
Тој решително ги отфрли обвинувањата дека ХДЗ всушност се обидува да формира „трет ентитет“ во државата со барање за формирање на две изборни единици во рамките на Федерацијата БиХ. Тој ја опиша одлуката за две изборни единици како „обид да се спаси БиХ“, бидејќи на тој начин наместо 11 различни влади и 200 различни агенции во рамките на Федерацијата, таа ќе се сведе на власти на само две нивоа.
-Ако сакавме да зборуваме за трет ентитет, ќе зборував за тоа во последните дваесет години. Ова е приказна за изборниот закон – рече Човиќ, додавајќи дека само „неодговорната бошњачка политика може да ги натера Хрватите да размислуваат поинаку“.
Веднаш по билатералната средба со Палмер, претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, од друга страна, кажа дека продолжил да предлага членовите на Претседателството на БиХ да се избираат индиректно во парламентот, а дел од договорот да биде редуцирање на улогата на домовите на народите, посебно на тој во Федерацијата БиХ, чија улогата треба да се сведе исклучиво на заштита на виталните национални интереси.
Домот на народите сега има моќ да ги разгледува сите закони и одлуки донесени од Претставничкиот дом и без негова согласност ниту еден закон или одлука не може да стапи во сила.
Изетбеговиќ тврди дека таквата состојба не е во согласност со Уставот на БиХ или законите и дека овој механизам служи само за производство на блокади.
-Дури и кога Домот на народите на БиХ не е блокиран, тогаш законите се поништуваат, кризата намерно се провоцира веќе четврта година, а кога станува збор за Домот на народите на Федерацијата БиХ, ХДЗ тоа го искористи за поништување на изборна волја на граѓаните на Федерацијата БиХ, рече лидерот на СДА.
Неговата теза е дека Палмер, сугерирајќи дека најважно е да се реши изборот на членови на Претседателството на БиХ, всушност бега од важните проблеми и се обидува да најде решенија кои би биле на штета на Бошњаците. Тој вели дека успеал да го убеди американскиот дипломат да се откаже и дека се бара „средно решение“ каде што сите страни ќе направат одредени отстапки.
Палмер и Ајхорст ќе продолжат со одвоените разговори со политичарите од БиХ до петок попладне, а заклучоците треба да бидат објавени на заедничка прес-конференција.