
САД го повлекуваат преговарачкиот тим од Доха: Хамас без волја за прекин на огнот
Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучила да го повлече својот тим од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, поради, како што рече, „недостиг на волја“ од страна на Хамас, пренесува Ен-Би-Си.
Препорачано
„Го повлекуваме тимот од Доха за консултации, по последниот одговор од Хамас, кој покажува недостаток на желба за прекин на огнот“, напиша Виткоф на Икс, додавајќи дека тимот сега ќе разгледува алтернативни пристапи за враќање на заложниците што ги држи Хамас.
Според информациите на „Тајмс оф Израел“, израелската делегација изразила незадоволство од предлогот на Хамас, кој вклучувал размена на 200 палестински затвореници осудени на доживотен затвор за 10 израелски заложници. Извори блиски до преговорите сепак велат дека разликите меѓу двете страни не се големи.
Дополнително, неименуван извор тврди дека мнозинството од околу 2.000 Палестинци уапсени од почетокот на војната дури и не се обвинети, што, според истиот извор, укажува на тоа дека Израел ги користи како преговарачки адут.
Во однос на спорното прашање – ширината на појасот во Газа каде израелската армија би останала присутна за време на евентуално примирје – изворот наведува дека одговорот на Хамас, даден синоќа, бил само за 200 метри под она што го бара Израел.