САД бараат екстрадиција на Асанж поради откривање на изворите, не поради политичките ставови

Џулијан Асанж / Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, e обвинет за откривање на имињата на изворите, а не за неговите политички ставови, тврдат американските адвокати кои денеска бараат екстрадиција на Австралиецот.

Американските обвинители бараат судење против 52-годишниот Асанж поради објавување на бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс. Вашингтон тврди дека Австралиецот со тоа ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој e гонет за откривање американски злосторства.

Во 2010 година, меѓу другото, Викиликс објави видео од американски воени авиони како убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан, пишува Би-Би-Си.

Асанж е поддржан од Амнести интернешнал, голем број медиумски групи и политичари, вклучувајќи го и австралискиот лабуристички премиер Ентони Албанезе, чија партија минатата недела гласаше во парламентот за негово враќање во Австралија.

Вчера адвокатите на Асанж пред судот во Лондон рекоа дека неговото прогонство е од политичка природа и дека се гони за откривање злосторства на државно ниво и дека поранешниот републикански претседател Доналд Трамп побарал „детални опции“ за тоа како да го убијат, пренесува Ројтерс.

Американски адвокати денеска изјавија дека гонењето на Асанж „се заснова на владеење на правото и докази“.

„Обвинувањето на жалителот можеби е без преседан, но она што тој го направи беше исто така без преседан“, изјави Клер Добин пред судот кој ќе одлучи за екстрадицијата на Асанж во САД.

Асанж „неселективно и свесно му ги откри на светот имињата на поединци кои беа извори на информации за САД“, додаде таа. „Овие факти ја разликуваат позицијата на жалителот од Њујорк Тајмс и другите медиуми“, продолжи таа. „Тоа е објективната основа на неговиот прогон. Овие факти го издвојуваат, а не неговите политички ставови“, рече таа.

Австралиецот денеска повторно не се појави на суд бидејќи не се чувствува добро. Неговите правни битки започнаа во 2010 година, по што тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон. Потоа, во 2019 година, тој беше изнесен од таа институција и приведен поради прекршување на кауцијата и до ден денес е во затвор во Лондон.

ОК ја одобри неговата екстрадиција во САД во 2022 година, но тој ја обжали одлуката. Доколку загуби на судот во Лондон, има само опција од Европскиот суд за човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот