
Русите во потрага по евтини станови во окупираниот Мариупол
Помина една година откако украинскиот град Мариупол падна во рацете на руските окупатори. Градот беше речиси целосно уништен по долгите битки кои се водеа меѓу завојуваните страни.
Препорачано
Сега веќе трансформираниот град се претставува како витрина за владеење од Москва – а некои Руси дури се надеваат дека ќе можат да се преселат таму.
Русија тврди дека го анектирала Мариупол, заедно со уште неколку окупирани области, по серијата референдуми кои беа отфрлени како лажни од страна на Украинците и западните земји.
Речиси 90 % од зградите во градот биле оштетени или уништени за време на руските гранатирања за време на двата месеци во кои траеја битките. Стотици цивили биле убиени, а 350.000 луѓе го напуштиле градот кој според податоците на ОН пред војната бил дом на 430.000 граѓани.

Сега, окупаторите имаат намера целосно да го наметнат руското влијание и култура врз градот, менувајќи ги сообраќајните знаци од украински на руски јазик, воведувајќи наставна програма во училиштата и терајќи ги останатите жители да извадат руски пасоши, пишува „Би-Би-Си“.
Британскиот медиуим наведува дека и покрај напорите на Русите да го заживеат градот, урнатините од нивните гранатирања остануваат низ некои делови од градот.
Еден Русин од Мурманск за „Би-Би-Си“ вели дека успеал да најде земјиште во Мариупол.
„Најдов простор во градот. Мариупол ќе биде преубав град“ вели мажот кој побарал да остане анонимен.
Тој е само еден од Русите кои бараат земјиште или стан во Мариупол преку „ВКонтакте“, една од најпознатите руски социјални мрежи.
Мажот со кого разговарале новинарите на „Би-Би-Си“ вели дека Русите најчесто бараат стан или куќа во близина на морето. Според него, цените сега се многу ниски, па затоа многу од Русите сакаат да ја искористат таа прилика.
На руските медиуми и државните телевизии веќе некое време се прикажува реконструкцијата на Мариупол, за која од Кремљ велат дека се одвива со „рекордно темпо“ и дека животот во градот полека се враќа во нормала.
„Таму каде што имаше урнатини, сега има нови згради, болници, градинки, училишта. Сѐ се враќа и гради според најмодерните технологии“ се вели во еден прилог на руската државна телевизија „Русија 1“.
Според сателитските снимки и фотографии на „Би-Би-Си“, британските новинари заклучиле дека иако во голем дел од Мариупол се градат сосема нови населби, има делови каде сѐ уште можат да се видат урнатини. Во центарот на градот, како што пишува британскиот медиум, сѐ уште има згради кои се без покриви.
Мариупол беше еден од симболите на почетокот на војната, особено за време на немирите околу огормната фабрика за челик Азовстал. Еден од вработените во фабриката вели дека тоа што се претставува на руските телевизии е „голема лага“. Според него, само 10% од уништените згради се поправени.
Официјално, оние чии домови биле уништени можат да се пријават за стан откако ќе бидат изградени новите згради. И руската национална телевизија и про-Кремљ каналите на Јутуб постојано покажуваат среќни семејства како се вселуваат во новите домови во Мариупол. Но, многу локални жители тврдат дека процесот оди многу бавно.