
Русите ја напуштаат земјата, причина војната во Украина
Околу 4 милиони руски државјани ја напуштиле Русија само во првите три месеци од оваа година. Станува збор за официјален податок на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) наследничка на некогашната тајна советска служба КГБ.
Препорачано
Според извештајот, најголемо преселување на Русите се бележи во поранешните советски репубики но и Финска како и во некои земји на Блискиот Исток.
Во соопштението на службата се вели дека не се знае дали некои од оваа маса на лица во меѓувреме се вратиле во земјата, но се знае каде заминале оние кои заминале.
– Значително е зголемен бројот на луѓето кои заминале во поранешните советски републики сега независни држави, по почнувањето на „специјалната воена операција“ во Украина – наведува документот на ФСБ.
Западните медиуми пишуваат дека како еден од коридорите за напуштање на земјата, е користена Финска, посебно железничката линија Санкт Петербург – Хелсинки, како и авионскиот превоз, додека летовите кон и од Русија не беа ставени под санкции.
Како главна причина за заминување на Русите од земјата според западните медиуми е актуелната политика која ја води претседателот Владимир Путин но и стравот од економски реперкусии врз Русија и граѓаните како резултат на санкциите на Западот кон Москва поради војната во Украина.

Белград попатна станица?
Во меѓувреме кога санкциите стапија во сила, многумина Руси ја имаат користено авионската линија до Белград, со надеж дека од српскиот главен град би можеле да се префрлаат до некоја европска дестинација, не верувајќи до крај во непристрасноста (за војната) на властите во Србија. Во тој период, Русите исто така заминуваа и во Турција, која одржуваше авионски летови со Москва, за да се префрлат на јужниот средоземноморски брег.
Во втората категорија руски „бегалци“ влегуваат оние исплашени дека Путин ќе воведе воена состојба и општа мобилизација во земјата. Особено доколку Москва и објави војна на Украина.
Весникот „Москва Тајмс“ коментирајќи ги откритијата за напуштањето на Русите на Русија, тврди дека „не се точни стравувањата за објавување војна“ заговарајќи да не се бега од земјата. Но, руските граѓани очигледно не веруваат во ваквите уверувања.
Оние, пак, богатите, продолжуваат и понатаму да се иселуваат во странство, иако тоа во Москва сега се нарекува – купување недвижен имот во некоја странска земја.
Богатите купуваат имот во Дубаи
Во исто време според информациите во медиумите најпопуларни дестинации за „нов живот“ на богатите Руси се Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Посебно е популарен Дубаи, каде според податоците на тамошните агенции за продажба на недвижнина повеќе илјади богати Руси имаат купено и купуваат вили во овој Емират, или скапи станови, во кои имаат намера да останат да живеат.
Особено што таму се чувствуваат безбедно, затоа што ОАЕ не ја имаат осудено руската инвазија, а не планираат да воведат ниту санкции за Москва.
Никој од луѓето кои западните медиуми ги нарекуваат и бегалци не зборуваат до кога планираат да останат надвор од Русија, но сите имаат речено дека ќе бидат надвор од својата земја додека „не се расчистат работите“.
Некои од нив се со став дека тие ќе бидат надвор од земјата до завршувањето на војната и разрешување на кризата во односите со Украина, додека други сметаат дека не се враќаат додека нивната земја –„не се демократизира“.