Песков/ Фото EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Русија ќе бара појаснување од Ерменија за напуштањето на ОДКБ

Русија денеска објави дека планира да побара појаснување од Ерменија, откако нејзиниот премиер Никол Пашинјан во вчерашното интервју изјави дека Ереван го замрзнал своето членство во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводена од Русија, бидејќи овој сојуз ја изневерил земјата.

Во последниве месеци, Пашинјан го изразува своето незадоволство од долгогодишните врски на Ерменија со Русија и вели дека неговата земја повеќе не може да се потпира на Москва за да ги обезбеди одбранбените потреби. Тој, исто така, предложи преглед на членството на Ерменија во организацијата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска за ТВ каналот „Ѕвезда“ на руското Министерство за одбрана изјави дека на Москва и се потребни повеќе детали од Ерменија.

„Ерменската страна не презеде никаква официјална акција во врска со ова. Имаме намера да контактираме со нашите колеги и да го разјасниме значењето на овие изјави“, рече Песков.

Други поранешни советски републики членки на организацијата се Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

„Секретаријатот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност не доби никакви изјави од Ереван во врска со престанокот на членството“, објави прес-службата на организацијата.

Пашинјан во интервју за телевизијата Франс 24, што беше емитувано синоќа, кажа дека „Договорот за колективна безбедност не ги исполни своите цели што се однесува до Ерменија, особено во 2021 и 2022 година“.

„Сега практично го замрзнавме нашето учество во овој договор. Што се однесува до нашите следни чекори, ние ќе треба да видиме“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот