
Русија ја разви првата персонализирана вакцина против рак: Претклиничките студии покажаа 100 отсто ефикасност
Руските научници неодамна ја претставија вакцината „Ентеромикс“, за која првичните резултати од клиничките испитувања укажуваат дека може да биде 100 отсто ефикасна, што потенцијално претставува голем пресврт во лекувањето на карциномот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Развиена со технологија слична на мРНК вакцините против ковид-19, оваа вакцина, според наводите, ги намалува агресивните тумори и го успорува нивниот развој, без тешките несакани ефекти кои ги носат хемотерапијата или зрачењето.
„Вакцината против рак во Русија успешно ги заврши предклиничките испитувања, покажувајќи и безбедност и висока ефикасност“, изјави Вероника Скворцова, директорка на Федералната медицинско-биолошка агенција (ФМБА), на Источниот економски форум (ЕЕФ).
„Истражувањата траеја повеќе години, а последните три беа посветени на задолжителните предклинички студии. Вакцината сега е подготвена за употреба; го чекаме официјалното одобрување“, додаде Скворцова.
Таа нагласи дека резултатите потврдиле безбедност дури и при повторени апликации, како и значителна ефикасност. Научниците забележале намалување на големината на туморот и забавување на неговиот развој – од 60 до 80 проценти, зависно од карактеристиките на болеста. Дополнително, студиите покажале и зголемена стапка на преживување кај пациентите.
Скворцова зборуваше на 10. Источен економски форум, одржан во Владивосток од 3 до 6 септември, под слоганот „Далечниот Исток: соработка за мир и просперитет“, кој собра повеќе од 8.400 учесници од над 75 земји и региони.
Според агенцијата ТАСС, првата примена на „Ентеромикс“ е насочена кон лекување на колоректален карцином.
Остварени се и охрабрувачки резултати во развојот на вакцини против агресивен тумор на мозокот – глиобластом, како и за одредени видови меланом, вклучувајќи го и окуларниот меланом, кои веќе се во поодмината истражувачка фаза.
Руското Министерство за здравство наведува дека „Ентеромикс“ се базира на комбинација од четири непатогени вируси кои ги уништуваат малигните клетки и истовремено го активираат антитуморскиот имунитет на пациентот.
„Во последните неколку години е завршен целосниот циклус на предклинички истражувања, кои ја потврдија ефикасноста и безбедноста на препаратот. Антитуморскиот ефект се движи од забавување на растот на туморот до негово целосно уништување. Важно е да се нагласи дека клиничките испитувања и приемот на пациенти за првата фаза ќе започнат кон крајот на 2024 или почетокот на 2025 година“, соопшти Националниот медицински истражувачки радиолошки центар на Министерството за здравство на Русија.
Вакцината ја развиваат Националниот радиолошки центар и Институтот за молекуларна биологија „Енгелхардт“.
Друг правец на руските истражувања се персонализираните мРНК вакцини, кои Центарот ги развива во соработка со Институтот „Гамалеја“. Основната разлика е во индивидуалниот пристап: врз основа на генетичка анализа на туморот на секој пациент се создава уникатна вакцина која го „учи“ имунолошкиот систем да ги препознае клетките на ракот.
„За таа цел, нашиот Центар креираше единствена софтверска платформа за утврдување на индивидуалниот профил на мутации (т.н. неоантигени) и понатамошен дизајн на вакцина за тој ‘портрет’ на туморот“, наведуваат од Центарот.
Главната разлика меѓу двете вакцини е во механизмот на дејство:
„Ентеромикс“ користи вируси за директно уништување на туморот и активирање на вродениот имунитет.
мРНК вакцините дејствуваат на молекуларно ниво, програмирајќи специфичен имунолошки одговор врз основа на молекуларниот „портрет“ на туморот.
Овие вакцини симболизираат премин од традиционални методи на лекување кон напредни биотехнолошки решенија.
„Уверени сме дека овие вакцини ќе отворат нови хоризонти во борбата против ракот и ќе спасат илјадници животи“, додаваат од Центарот.
По успешните претклинички испитувања, вакцината против рак сега го чека официјалното одобрување. Доколку го добие, „Ентеромикс“ би можел да стане првата персонализирана вакцина против рак во светот, нудејќи имунолошки одговор прилагоден на секој пациент и потенцијално менувајќи го начинот на кој ракот се лекува ширум светот.