
Рудникот „Саса“ во празничен викенд испуштал отрови во река, полицијата поднесе кривични пријави
За време на празничниот продолжен викенд за 2 август годинава, рудникот „Саса“ испуштил двојно повеќе тешки метали и цијанид во Каменичка Река, која се влева во вештачкото езеро Калиманци, предизвикувајќи помор на риби, соопшти денеска полицијата, која поднела кривични пријави против правното лице и против директорот од Велика Британија.
Препорачано
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево до Основното јавно обвинителство Кочани, поднесе кривична пријава против правно лице – рудник од Македонска Каменица и против К.Б.К.(57) од Велика Британија, со дозвола за привремен престој во Македонска Каменица, одговорно лице во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загадување на животната средина и природа“ по член 218 и „загадување на добиточна храна и вода“ по член 223 од Кривичниот законик. Во периодот од 01.08.2024 до 04.08.2024, при процесот на флотација, од правното лице во река Каменичка, која се влева во акумулацијата Калиманци, испуштени се отпадни води, односно тешки метали (цинк, олово, кадмиум и жива) во двојно поголеми количини од дозволените, со што на подолг рок предизвикале опасност по животинскиот и растителниот свет во Каменичка река и акумулацијата Калиманци“, велат од полицијата.
„Од правното лице, истиот период во Каменичка река и езерото Калиманци е испуштен и акутен токсин цијанид, од чие присуство во езерото Калиманци е предизвикано акутно труење на рибите. Со вештачење со наод и мислење на Институтот за сточарство и рибарство, а врз основа на извештаи од лабараториско испитување на примероци вода од лабораторија е констатирано присуство на штетни и опасни материи во водата – тешки метали, а констатирано е и присуство на акутен токсин цијанид во смртоносна доза, а кој е причинител на труењето на рибите“, се додава во полициското соопштение.