
Роналдињо во затвор поради далеку посериозни работи од лажните пасоши
Некогашниот најдобар фудбалер на светот, Роналдињо, моментно се наоѓа во затвор во Асуснсион бидејќи заедно со својот брат во Парагвај влегоа со фалсификувани документи, сега се најде во далеку поголеми проблеми.
Поранешниот фудбалер на Барселона и на бразилската репрезентација повеќе од една недела се наоѓа во затвор во главниот град на Парагвај.
Препорачано
Неговите адвокати се обидуваат да пронајдат начин за да го извлечат од затворот, но првите обиди беа неуспешни. Молбата да се брани од слобода е одбиена, исто како и кауцијата од 1.5 милиони евра која ја понуди Роналдињо, бидејќи обвинителството ги истражува причините поради кои ги земал лажните пасоши.
Според извори на ЕСПН, фокусот на истрагата повеќе не се лажните пасоши туку нешто посериозно, финансиски малверзации и доколку се потврдат сомнежите дека Роналдињо учествувал во перење на пари, тогаш го очекува долга затворска казна.
Имено, обвинителството започнало да ги прегледува документите и пораките на телефоните кои ги користеле Роналдињо и неговиот брат, Роналдо Асис, а се истражува врската на браќата со Далија Лопез, жената која ја организираше посетата и ги пречека на аеродромот во Асунсион пред тие да бидат уапсени.
– Далија Лопез е можеби вмешана во перење на пари, што значи дека мора да ги провериме и другите луѓе кои можеби се вмешани во тоа, вклучувајќи го и Роналдињо. Поради тоа и инсистиравме тој да остане во притвор. Нашата претпоставка е дека тие набавиле лажни документи со кои влегле во Парагвај, а истите планирале да ги користат во комерцијални цели или инвестиции кои не се легални – изјави Осмар Легал, главниот обвинител во случајот на Роналдињо.
Лопез која е на чело на хуманитарната организација што го организира доаѓањето на Роналдињо, се наоѓа во бегство, а полицијата ја бара поради обвинение дека е вмешана во организиран криминал вклучујќи и изработка на фалсификувани документи.
Неодамна две лица кои платиле 18.000 долари за лажните пасоши на Роналдињо и неговиот брат, сами се пријавиле во полицијата во Асунсион. Според обвинителот Легал, двете лица признале дека земале пари од Лопез за да набават лажни документи за Роналдињо и Роналдо Асис како и за Вилмодеш Соуза Лира, кој потоа на браќата им ги дал фалсификуваните документи.
Соуза Лира исто така се наоѓа во притвор, а неговата сопруга на полицијата ги предала транскриптите од Ватс ап комуникација на сопругот со Лопез.
– Браќата не ни дадоа одговор зашто сакаа парагвајски пасоши. Тие велат дека тоа било подарок. Нивните адвокати вела дека двајцата се жртви на измама и дека постапувале со добра волја. Но, доколку веруваме во таквите постапки на обвинетите, тогаш затворите би биле празни – изјави Легал.