
Родителите малку заштедија на моливи и тетратки, сега се кројат буџетите за воншколските активности
Минатогодишната „Училишна кошничка“, според Министерството за економија и труд, била исклучително успешна – заштедите по ученик изнесувале од 750 до 2.000 денари. Колку годинава заштедија родителите, допрва ќе се пресметува
Владината мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училиштен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година, заврши вчера. Според членот 29 од Законот за трговија, Одлуката за утврдување на највисоки цени за продажба на училиштен прибор во малопродажба и големопродажба, важеше од 15 август до 15 септември.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Минатогодишната „Училишна кошничка“, според Министерството за економија и труд, била исклучително успешна – заштедите по ученик изнесувале од 750 до 2.000 денари. Колку годинава заштедија родителите, допрва ќе се пресметува. Пазарните инспектори беа на терен и ги контролираа дуќаните и книжарниците дали се придржуваат до одредбите на владината одлука, со која ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 отсто во трговија на мало. Според одредбите на Одлуката, правните субјекти беа должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена што важела на први јуни годинава, цена што се зема како базична и на која се утврдуваше намалувањето.
Пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место стоеше натпис ,„Помалку трошоци, повеќе за тебе”. Според податоците, досега се спроведени повеќе од 100 надзори во над 300 објекти, меѓу кои книжарници, маркети и трговци на големо. Инаку, за непочитување на намалените цени, казните се движат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, а за целосно не почитување на одлуката предвидена е мерка – привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена.
– Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување – изјави министерот за економија Бесар Дурмиши пред почетокот на акцијата.
Дел од родителите беа задоволни од оваа мерка, но сепак велат дека поголем трошок им се воншколските активности, разните курсеви за странски јазик, часовите по музички инструменти, балет, членството во некој спортски клуб, за што треба во континуитет да се издвојуваат од 1.500 до 2.500 денари месечно додека трае школската година.
Владината мерка важеше за сите продавници кои продаваат училиштен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници, а опфати: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали. Лани во септември, Владата ја ограничи маржата за училишните материјали на 5 отсто на големо и 10 отсто на мало, а книжарите не беа задоволни, додека граѓаните реагираа дека мерката е донесена доцна односно на 3 септември.