фото: rkalkaloid.mk

РК Алкалоид во победничка атмосфера пред новиот европски предизвик

Ракометарите на Алкалоид ја запишаа втората победа на гостински терен на дерби натпреварот со амбициозниот ГРК Охрид. Тимот на Кирил Лазаров триумфираше со осум голови разлика (36:28) и ги задржа шансите за повисок пласман на плеј-оф табелата во македонската Суперлига.

Стартните минути му припаднаа на РК Алкалоид, но домашниот состав израмни, а потоа и диктираше игра сѐ до резултат 7:7. Одново Алкалоид го презема водството и до крајот на полувремето беше во позитива. Во финишот на првото полувреме, играчите на Лазаров успеаја да поведат и со два голови разлика (11:9, 12:10) и ја задржаа предноста до крајот на првиот дел што заврши со резултат 16:14.

Добро отворање на второто полувреме имаше гостинот и со два голови по ред стигна до највисоките до тој момент „плус четири“ (18:14). Домашниот состав одговори со серија од 4:0 и израмнување на 18:18, по што повторно натпреварот влезе во ритам гол за гол. Но, Алкалоид веќе ја имаше победничката формула, беше доволно трпелив и ги искористи своите шанси и на 10 минути до крајот на мечот имаше 28:24. Завршницата на овој натпревар беше комплетно во знакот на Алкалоид чија предност полека растеше и стигна до конечните 36:28.

Ѓоргиев со шест, Серафимов со пет и Франциско со четири погодоци беа најефикасните играчи во Алкалоид, а за ГРК Охрид Орјоникидѕе имаше шест голови, а по четири Сафранко, Јотиќ и Цирар.

Следниот предизвик на РК Алкалоид е европски. Во недела во Скопје, со почеток од 19.00 часот во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп ќе го игра првиот дуел од двомечот со норвешкиот Рунар Сандефјорд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот