
РК Алкалоид ќе тренира во Маврово пред контролните мечеви во Србија и Хрватска
Ракометниот клуб Алкалоид се пресели во Маврово и започна со тренинзите кои ќе бидат дел од висинско-базичните подготовки за новата сезона во Македонија и во Европа. Тренерот Кирил Лазаров ги има сите ракометари на број, а во Маврово ќе се работи во следните 10 дена, по што ќе следи заминување во Србија и Хрватска каде се планирани осум пријателски натпревари со ривали од Србија, Хрватска и Словенија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ракометарите во Маврово го имаат потребниот мир и одлични услови во кои ја одработуваат втората фаза од подготовките, во која фокусот е на физичката подготовка. Петар Баснарков е асистентот на првиот тренер Кирил Лазаров, задолжен за физичката спремност на играчите.
Баснарков е во клубот уште од почетокот и учествува во креирањето на принципите и системот по кој се работи. Принципи и систем кои веќе имаат форма која е препознаена од ракометарите кои ги прифатија сите нивни елементи, се прилагодија и со тоа подготовките стануваат полесни и за ракометарите и за стручниот штаб.
– Ракометарите, посебно тие што се подолго време во екипата ги знаат принципите. Мене ми е ова петта сезона во клубот и запознаени се со мојот начин на работа, а и јас сум запознаен со нивните перформанси. Ние во суштина работиме и преку цело лето. Ракометарите добиваат 10 дена одмор, а потоа почнуваме со работа во меѓу сезона или т.н. „off season“, што е честа пракса на пример во кошарката. Го работиме тоа така за да дојдеме во ситуација да бидеме 70-80% спремни кога ќе стартуваат подготовките.
Тоа е битно за да се намали времето потребно за физичка подготвеност, а да се зголеми времето во кое тренерот Кире Лазаров ќе може да работи тактика. Ова е особено ни е важно сезонава, затоа што порано почнуваме со важни натпревари, па така на подготовките играчите буквално од прв ден можат да тренираат со топка. Искрено сум задоволен, секоја година е сѐ подобро. Играчите добро работеле во меѓу сезоната, дојдоа спремни. Истото се однесува и до новите играчи. Добро тренирале и во меѓу сезоната, има нормално некои ситници, но тоа се работи на навики и автоматизам што ги имале претходно. Работиме многу посветено, секој ден ни е важен и генерално сум задоволен како одат работите. Марко Митев и Никола Костески засега работат одвоено, со физиотерапевтот, а од следната недела ќе бидат заедно со другите – вели Баснарков.