
РК Алкалоид ги започна подготовките за новата сезона, нов играч е Исланѓанецот Улфар Пал Монси Тордарсон
Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, ракометниот клуб Алкалоид, денеска го имаше првиот собир во пресрет на новата сезона, а на ракометарите и членовите на стручниот тим на им се обрати Генералниот директор, претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, Живко Мукаетов и им посака среќа и успех во претстојната сезона.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тренерот Кирил Лазаров во новата сезона ќе има на располагање 23 ракометари. На денешниот прв собир беа присутни сите ракометари. Присуствуваа и Марко Митев и Никола Костески кои сѐ уште се во фаза на рехабилитација и ќе тренираат со посебен режим, а се очекува на тимот да му се приклучат во текот на есенската полусезона.
Подготовките на Алкалоид ќе се одвиваат во три етапи. Првата фаза ќе се одработи во Скопје. Следниот понеделник екипата ќе оди на десетдневни подготовки во Маврово каде што ќе ја одработи втората фаза, а потоа следува мини турнеја во Србија и Хрватска во која се планирани осум контролни натпревари со екипи од Србија, Хрватска и Словенија.
Натпреварувачката сезона за РК Алкалоид официјално ќе почне на 31 август со гостински дуел кај бундеслигашот ТСВ Хановер Бургдорф, а првиот европски меч на домашен терен ќе го одигра седум дена подоцна во Скопје.
Воедно, од следната сезона во РК Алкалоид нема да бидат Арно Бинго, Михајло Младеновиќ и Костадин Петров кој ќе биде дел од РК Мулти Есенс каде ќе се рехабилитира од повреда и ќе ја враќа формата.
Ново име во ракометниот клуб Алкалоид е Исланѓанецот Улфар Пал Монси Тордарсон, кој има 25 години и доаѓа од екипата на Валур, со која минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Европската лига на ЕХФ. За него, настапите за РК Алкалоид ќе бидат прво интернационално искуство. Претходно во кариерата настапуваше за Афтурелдинг и Стјарнан од Исланд.