
Режисерот Паоло Сорентино е овогодишен добитник на „Почесно срце на Сараево“
Славниот италијански режисер и сценарист Паоло Сорентино е овогодишен добитник на наградата „Почесно срце на Сараево“, а ретроспектива на неговите филмови ќе биде прикажана како дел од програмата „Почит кон“ (Tribute to).
Препорачано
На 31. издание на Сараевски филмски фестивал ќе му биде оддадена почит на италијанскиот режисер Паоло Сорентино како признание за неговиот исклучителен придонес во уметноста на кинематографијата. На повеќекратно наградуваниот автор ќе му биде доделена наградата „Почесно срце на Сараево“, додека целосна ретроспектива на неговите филмови ќе биде прикажана како дел од програмата „Почит кон“. Сорентино, исто така, ќе одржи мастерклас и ќе ги сподели своите мисли за уметноста со публиката денес.
„Длабоко ми е чест што ја добивам оваа престижна награда и сум благодарен за вниманието посветено на мојата филмографија. Со нетрпение очекувам да бидам со вас во Сараево. Ви благодарам од дното на моето срце“, рекол Сорентино.
„Паоло Сорентино успеа да го направи она за што сонува секој режисер, со локални, лични приказни остави глобален белег. Со својот визуелно раскошен, емоционално набиен и интелектуално прониклив стил, тој ги освои срцата на публиката ширум светот, која во своите ликови, без разлика колку се ексцентрични или повлечени, виде огледало на нашиот свет, честопати апсурдно, понекогаш сурово, но секогаш длабоко човечко. Почесното срце на Сараево е признание за големата убавина што ни ја подари со своите филмови“, изјавил Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.
Филмскиот режисер и сценарист Паоло Сорентино е роден во Неапол во 1970 година. Неговиот прв игран филм, „Вишок човек“, беше селектиран за Меѓународниот филмски фестивал во Венеција во 2001 година. Неговите следни два филма, „Последиците на љубовта“ во 2004 година и „Семејниот пријател“ во 2006 година, беа во конкуренција за „Златна палма“ во Кан, како и филмот „Џинот“, кој ја освои наградата на жирито во 2008 година. Тој се врати во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал во 2011 година со „Ова мора да биде вистинското место“, а две години подоцна со „Големата убавина“, кој освои „Оскар“, „Златен глобус“ и „БАФТА“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, како и три награди на Европската филмска академија.
Во 2016 година, тој повторно беше во конкуренција на Канскиот филмски фестивал со својот филм „Младост“. Филмот освои три награди на ЕФА, номинација за „Оскар“ и две номинации за „Златен глобус“.
Во 2016 година, тој ја создаде и режираше ТВ серијата „Младиот папа“, која беше номинирана за Златен глобус за најдобар глумец и за наградите Еми во категориите за најдобар продукциски дизајн и најдобра кинематографија. Во 2018 година, тој го режираше филмот „Силвио“ со Тони Сервиља, а во 2019 година, режираше уште една серија сместена во светот на современото папство, „Новиот папа“, во која глумат Џуд Ло и Џон Малкович.
Во 2021 година, тој го режираше филмот „Раката Божја“, номиниран за Оскар за најдобар странски филм во 2022 година, со кој ги освои „Сребрениот лав“, Големата награда на жирито и наградата „Марчело Мастројани“ на 78-от Меѓународен филмски фестивал во Венеција, пет награди „Давид ди Донатело“, вклучувајќи ги наградите за најдобар филм и најдобар режисер, како и четири награди „Настри д’арџенто“, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм.
Во 2024 година, тој го напиша сценариото и го режираше филмот „Партенопа“, прикажан во конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, кој ја освои наградата „Биглието д’оро“ како еден од најгледаните филмови на годината.
„Почесното срце на Сараево“ е основано во 2005 година со цел да им се оддаде признание на поединци за нивниот исклучителен придонес во афирмацијата и развојот на филмската индустрија и поддршката и развојот на Филмскиот фестивал во Сараево.
Меѓу поранешните добитници на „Почесното срце на Сараево“ се, меѓу другите, Мег Рајан, Џеси Ајзенберг, Џон Клиз, Оливер Стоун, Анџелина Џоли, Емил Тедески и други.