Фото: Профимедиа

Револуционерно: Првпат излекувана ретка и смртоносна болест на кожата

Болеста која започнува како безопасен осип, а потоа се претвора во кошмар при што повеќе од 30 отсто од кожата отпаѓа во лушпи, конечно има потенцијален лек. Станува збор за токсична епидермална некролиза (ТЕН) – ретка, но смртоносна реакција на имунолошкиот систем на лековите.

ТЕН се развива како одговор на одредени лекови и може да се појави кај сите возрасни и етнички групи. Иако се смета за ретка, оваа болест погодува помеѓу еден и два милиони луѓе годишно, низ светот. Почеста е кај жените отколку кај мажите, а луѓето со ХИВ имаат сто пати поголем ризик да заболат.

Болеста започнува со осип на лицето и градите и набрзо ги зафаќа устата, очите и гениталиите. Последиците се сериозни: инфекции, откажување на органите и воспаление на белите дробови (пневмонија), а во една третина од случаите болеста завршува со смрт. Оние што ќе преживеат поминуваат низ долго и напорно и тешко закрепнување, често со третман сличен на оној за изгореници.

Како е пронајден лекот?

Научниците од Институтот Макс Планк во Германија, во соработка со меѓународен тим на истражувачи, успешно излекувале седум пациенти кои боледуваат од ТЕН или поблага верзија на болеста – Стивенс-Џонсонов синдром (СЈС), притоа ниту еден од пациентите не пријавил несакани ефекти.

Еден од пациентите бил 59-годишник кај кого болеста опфатила 35 отсто од неговото тело, откако започнал со лекување на ракот на белите дробови. Притоа неговиот ризик од смртност бил речиси 60 отсто. По земањето на новиот имунолошки инхибитор, инфекцијата престанала, а пациентот бил речиси целосно излекуван за 16 дена.

Како функционира новиот лек?

Класа на лекови под назив JAK инхибитори (ЈАКи) делуваат така што ја потиснуваат прекумерната активност на имунолошкиот систем. Научниците анализирале примероци од кожата на заболените пациенти и идентификувале шест клучни протеини вклучени во сигналниот пат ЈАК/СТАТ, кој е одговорен за воспаление на кожата и одвојување на епидермисот.

Во претклиничките испитувања спроведени на глодачите, научниците забележале значителни подобрувања на кожата во рок од само три дена од почетокот на терапијата. Овие резултати ја поттикнале примената на лекот кај седум пациенти, од кои сите биле успешно излекувани и отпуштени од болницата во добра состојба.

Истражувањето, објавено во списанието „Природа“ (Nature), ги поставува темелите за идните клинички испитувања.

„Може да поминат и неколку недели за пациентот да закрепне дури и откако ќе престане да го зема лекот кој ја предизвикал реакцијата. Способноста за брзо запирање на напредувањето на болеста, како што видовме во ова истражување, значително ќе го подобри стандардот на грижа за заболените од оваа опасна болест“, рекла Холи Андертон, биомедицинска истражувачка од Австралија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот