Денари
Денари / Фото: МИА

Ревизорски извештај: Владата си одобрила 2,5 пати поголем буџет од планираниот, на судската власт и го намалила за 63 отсто

Буџетот на судската власт во 2022 година бил намален за 63 проценти повеќе од планираното, додека на Јавното обвинителство наместо законските 0,4 отсто од БДП дадени им се 0,21 процент од парите што им следуваат. За Министерството за транспорт и врски доделени се пет пати повеќе пари од планираното, а себе си  доделила 2,5 пати повеќе од планираниот максимален износ, покажува Ревизорскиот извештај на усогласеноста на Основниот буџет на Република Македонија за 2022 година, изготвен од Државниот завод за ревизии

Со извршените ревизии во претходни години, како и во тековната година утврдивме дека не се применува законска одредба за висината на средствата за судската власт кои треба да изнесуваат најмалку 0,8 отсто од БДП, предвидено во член 4 од Законот за судскиот буџет. Со анализа на податоците констатиравме дека износот на одобрени средства за Судска власт за 2022 година изнесуваат 2.336.087 илјади денари што е 63 проценти помал од законски утврдениот лимит и претставува 0,3 отсто од БДП – се вели во Извештајот.

За буџетските средства на Јавното обвинителство, ДЗР констатира дека одобрени се 642.832 илјади денари и претставуваат 0,21 процент од средствата на Буџетот за 2022 година иако законски треба да изнесуваат најмалку 0,4 отсто од Буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства што е околу половина од законскиот утврден лимит.

ДЗР утврди дека износот на одобрени средства во Основниот буџет за 2022 година е повисок за 21 процент во однос на максималните износи на одобрени средства. Во 2022 година кај половина од буџетските корисници одобрениот буџет е поголем, а кај останатите износот е помал од утврдените максимални расходи.

Значително зголемување на максималните износи на одобрени средства за 2022 година има кај Министерството за транспорт и врски, кои во однос на претходната година се зголемени за околу пет пати, поради воведување на новата владина програма 2М – Инвестиции во патна инфраструктура, преку која се планирани средства за активности поврзани со имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола) – се вели во извештајот.

Најголемо зголемување е утврдување кај Владата. Одобрениот буџет е за 2,5 пати поголем во однос на планираните максимални износи.

Согласно законот за буџетите истиот не смее да биде над планираните максимални износи на расходи. Ваквата состојба е резултат на проширување на програмата П1-Мерки за справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во рамките на која покрај мерките кои ги презема Владата за справување со последиците од пандемијата, заштитата на јавното здравје и поддршката на заздравувањето и на повторниот раст на економијата, опфатени се и мерки за други кризи (образложено во точка 3.2.21.), кои не биле планирани при подготовката на буџетот, кога максималните износи на расходи за Владата биле утврдени на пониско ниво во однос на 2021 година за околу 50 отсто – се наведува во Ревизорскиот извештај.

Вкупниот износ на средства издвоени за регионален развој во рамки на владини и развојни програми кои содржат регионална компонента, а се реализираат преку повеќе институции, од ДЗР велат дека достигнуваат над 1,5 отсто од БДП за 2021 година, но кај истите не секогаш и во целост може да се утврди рамномерноста при распределбата на средства по плански региони.

Основниот буџет за 2022 година е донесен во износ од 181.941.600 илјади денари и во однос на 2021 година е помал за 7 проценти, додека во однос на бараните средства од буџетските корисници е помал за 29 отсто. Со ребалансот на буџетот од јули 2022 година, како и со две Одлуки за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите од ноември 2022 година, Владата има извршено промени на иницијалните фискални проекции за Буџетот за 2022 година, со што Основниот буџет е зголемен за 8 отсто.

Буџетскиот дефицит на ниво на Централен буџет изнесува 5,1 процент од БДП и истиот е 0,8 отсто над проектираниот процент од 4,3 проценти. Во однос на 2021 година учеството на буџетскиот дефицит во БДП е намалено за 0,3 отсто, што укажува на стабилизација и намалување, но сепак неговото учество во БДП за 2022 година е на повисоко ниво во однос на годините пред здравствено-економската криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот