Владимир Путин и Александар Лукашенко, Русија Белорусија - Извор Х

Репетиција на страшното: Москва и Минск вежбаа лансирање на тактички нуклеарни ракети

Русија и Белорусија спроведоа вежби за лансирање на руско тактичко нуклеарно оружје како дел од заедничките воени игри, потврди во вторник белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Државните медиуми ја објавија изјавата на началникот на Генералштабот на Белорусија дека вежбите ја вклучувале руската хиперсонична ракета „орешник“, тестирана минатата година за време на војната во Украина.

Воените игри, со кодно име „Запад“, траеја пет дена, а нивната цел, според официјални лица од Москва и Минск, е да се провери борбената готовност. Сепак, западните земји и аналитичари проценуваат дека целта на вежбите е да се заплаши Европа, особено во контекст на војната во Украина. Вежбите се одржаа само неколку дена откако Полска и НАТО соопштија дека собориле руски беспилотни летала што влегле во полскиот воздушен простор, што ја натера Варшава привремено да ја затвори својата граница со Белорусија.

Белорусија, која граничи со Украина, Русија и членките на НАТО Полска, Литванија и Латвија, веќе складира руско тактичко нуклеарно оружје на својата територија, над кое Москва ја задржува командата и контролата. Минск истовремено работи на реконструкција и модернизација на складиштата за советско нуклеарно оружје.

„Ние вежбаме сè. И тие (Западот) го знаат тоа, ние не криеме ништо. Од употреба на конвенционално оружје до нуклеарни боеви глави. Мора да можеме да го направиме тоа. Инаку, зошто оружјето би било на територијата на Белорусија?“, рече Лукашенко, додавајќи дека неговата земја „апсолутно не планира да му се заканува на никого“.

Белоруското Министерство за одбрана потврди дека дел од вежбите вклучувале обука за употреба на тактичко нуклеарно оружје, како и распоредување на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“, која Русија првпат ја употреби против Украина во ноември 2023 година.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно ја објави можноста за распоредување ракети „орешник“, кои ги нарече „невозможни за пресретнување“, на територијата на Белорусија во втората половина на 2025 година.

Лукашенко, кој редовно разговара со Путин, ѝ дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за да влезе во Украина во февруари 2022 година, но досега не ги ангажирал своите трупи во војната.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги ублажи дел од санкциите против Белорусија во замена за ослободување на 52 затвореници, меѓу кои беа и политичките противници на Лукашенко. Во знак на зближување, американските воени офицери присуствуваа на дел од вежбата „Запад“ во понеделник.

Истиот ден, руското Министерство за одбрана објави дека стратешките бомбардери Ту-160, способни да носат нуклеарно оружје, вежбале лансирање крстосувачки ракети над Баренцовото Море, додека ловците МиГ-31 обезбедувале придружба. Летот траел околу четири часа во меѓународни води.

Како дел од истите вежби, руските маринци во регионот Мурманск вежбале одбивање на амфибиски слетувања, користејќи оклопни возила, беспилотни летала, фрлачи на гранати и автоматско оружје, додека хеликоптерите и ловците обезбедувале поддршка.

Во исто време, бродовите на Балтичката флота и копнените единици распоредени во Калининград тестирале лансирање крстосувачки ракети кон „непријателски“ цели, а радио-електронскиот систем за извидување Торн-МДМ бил користен за одредување на координатите на спротивставените сили и пренесување на податоци до артилериските и беспилотните летала, според Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот