Изложбата е поставена во Музејот на современата уметност – Скопје

Реномирани уметници од колекциите на МСУ-Скопје и МСУ-Лион ќе претстави изложбата „Форми што летаат“

Францускиот институт во Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со Музејот за современа уметност во Лион и градот Лион ја презентираат изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции“, која ќе биде отворена на 8 април, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје.

Изложбата официјално ќе ја отворат Тихомир Топузовски, в.д. директор на Музејот на современата уметност – Скопје, Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција, и Матје Лелиевр, одговорен за одделот „колекции“ во Музејот на современа уметност во Лион и куратор на изложбата.

На изложбата се претставени четириесет реномирани уметници од колекцијата на МСУ-Скопје и 4 актуелни уметници од колекцијата на МСУ-Лион. Низ селекција на значајни дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, од автори како Карлос Круз-Диез, Хисао Домото, Ана-Ева Бергман, Пјотр Ковалски, Зоран Мушиќ, Виргилије Невјестиќ, Енрике Пејсере, се истакнуваат уметници и од целиот свет, кои по Втората светска војна заминуваат во Париз, каде се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници.

Селекција на дела од современи и реномирани автори од Музејот за современа уметност во Лион, како Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Лесија и Шурук Хриеш ќе бидат премиерно прикажани за време на изложбата. Тоа дополнително ќе влијае на размислата за миграциите на уметниците и важноста на културната размена.

– Историјата на уметностa во дваесеттиот век, која е обележана со преселби и егзил на уметниците, ни открива една неверојатна разновидност на животни патешествија и уметничка практика. По Втората светска војна, голем дел од уметниците заминуваат во Париз, како космополитски град и светска крстосница, каде што се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници. Париз, во поствоената Европа, е вистинско плодно тло за уметниците кои бегаат од тоталитарните режими, насилните конфликти или авторитарните уметнички доктрини. Со тоа Париз добива димензија на светски град, глобализиран, космополитски. Тој се претвора во меѓународен центар за уметници од целиот свет, а значењето на изразот Втора париска школа станува многу подлабоко од изворното значење.

Во каталогот на изложбата на донации од 1966 година, Борис Петковски, директорот на МСУ-Скопје, истакнува дека „оваа изложба содржи дела од најпознатите француски и светски уметници од поствоениот период. Донираните дела се поделени по категории, а токму изложбата ќе ја истакне нивната поврзаност“. Сепак, ако се анализира разновидноста на француската колекција, чии автори се со разнообразно потекло, се поставува прашањето дали поделбата по национална припадност е соодветна.

Изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции,“ покрај реномираните автори, покажува посебен интерес за уметничките имиња и правци кои можеби не се многу познати, но денес се дел од француската колекција на МСУ-Скопје. Оваа колекција прикажува една генерација уметници кои живееле во време на длабоки сомнежи, но истовремено и на силна надеж. Со оваа изложба ѝ се оддава омаж на креативноста, како плод на уметничките размени на една генерација во потрага по заеднички јазик. Сите јазици се мешаат правејќи го Париз модерен Вавилон чиј заеднички јазик станува уметноста. Оваа изложба има за цел да воспостави една „фиктивна заедница на уметници“, прикажувајќи ги нивните меѓусебни врски и средби. Таа ги обединува трагите од нивните заеднички простори на креативност: ателјеата, приватните академии, Школата за ликовни уметности во Париз, Салонот на новите реалности и други. Всушност, ова е една поставка која, пред сѐ, настојува да ги прослави овие заеднички патеки и движења.

За да им се оддаде почит на уметниците од колекцијата во Скопје, изборот на делата во оваа изложба е збогатен со уметнички дела од Музејот на современата уметност во Лион. Поаѓајќи од темите за уметничките преселби, патувања и донации, изборот на уметничките дела од МСУ-Лион отвораат, исто така, и простор за меѓугенерациски и меѓуинституционален дијалог помеѓу двата музеја – истакнува кураторот Матје Лелиевр во својот текст за изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот