Рекордно слаба излезност на изборите во Иран, гласале само 40% од граѓаните

Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Излезноста на парламентарните избори во Иран, кои се гледаат како тест за легитимноста на верското раководство, изнесува околу 40 отсто, што би било најниска бројка од Исламската револуција во 1979 година, покажуваат првите неофицијални извештаи.

Во отсуство на поистакнати умерени и конзервативни политичари, како и на реформисти, кои оценија дека вчерашните избори се неслободни и нефер, битката всушност се водеше меѓу тврдокорните и нискорангираните конзервативци кои ја истакнаа верноста на идеалите на Исламската револуција.

Иранското Министерство за внатрешни работи подоцна денеска треба да ја соопшти официјалната излезност на изборите.

На верските власти им требаше голем одзив за да го поправат својот легитимитет, тешко оштетен во антивладините протести во 2022/23 година, кои ескалираа во некои од најжестоките политички немири од исламската револуција на ајатолахот Рухолах Хомеини.

Официјалните анкети говореа дека само 41 отсто од 61 милион луѓе со право на глас ќе излезат на гласање. Се чини дека тоа се оствари, откако весникот Хамшахри објави дека на гласање излегле околу 25 милиони Иранци со право на глас.

На парламентарните избори во 2020 година излегоа рекордно низок број гласачи, 42,4 отсто од нив. Во 2016 година излезноста на гласачите беше 62 отсто.

Изборите се одржуваат во атмосфера на растечко незадоволство поради економските тешкотии и ограничувањата на политичките и социјалните слободи.

Иранците вчера избраа 88 членови на таканареченото Собрание на експерти, влијателно тело кое треба да го избере наследникот на 84-годишниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот