Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Реконструкцијата на Универзална сала е „главоболка“ и за Град Скопје и за Владата

За проектите чија реализација е запрена, градоначалничката Данела Арсовска се сретна и разговараше со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, а веднаш по средбата Костадиновска-Стојчевска изјави дека Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала

Цели седум години Универзалната сала, еден од симболите на Скопје, е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата, откако почна да паѓаат делови од таванот и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција. Од тогаш до денеска, иако за нејзината обнова имаше повеќе идеи, проекти, префрлање на надлежности и почеток на реконструкција, сепак нејзиното повторно ставање во функција е сѐ уште  далеку и без никакви најави кога ќе се завршат градежните зафати на салата.

Сега конечно постои надеж дека работите ќе се поместат од „мртва“ точка и дека ќе продолжи реконструкцијата на салата, која со месеци е запрена, откако и Владата се вклучи во разговори со Град Скопје за да се најдат начини за „одглавување“ на неколку битни проекти во градот, чија реализација е запрена подолго време од најразлични причини, но главно финансиски.

Од Владата потврдија дека за проблемот е разговарано на последната седница, но дека не била донесена одлука за одземање на ингеренциите на Град Скопје за Универзална сала. Оттаму додадоа дека одземањето на ингеренциите би биле последна фаза доколку Градот не најде начин како да ја продолжи реконструкцијата на салата, која започна уште во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

Сепак, за проектите чија реализација е запрена, градоначалничката Данела Арсовска се сретна и разговараше со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Веднаш по средбата Костадиновска-Стојчевска изјави дека Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала, а слична беше изјавата и на Пенов, кој нагласи дека

добиле согласност од градоначалничката за Универзална сала целосно да ја преземе Министерството за култура.

– Имаме комплетна согласност заеднички да работиме на тој проект, со тоа што Министерството за култура ќе ја преземе Универзална сала – рече Пенов, кој информираше и дека со Арсовска разговарале и за други проекти што се во тек на  реализација и на кои заеднички ќе работат, како што се подземниот премин кај „Рамстор“, мостот во Карпош на улица Љубљанска кон Бардовци, како и мостот во Аеродром каде што се разрешуваат имотноправни односи.

Од Град Скопје пак, не соопштија децидно дека реконструкцијата преминува во надлежност на Министерството за култура, туку дека на средбата е донесен заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната сала е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија, и дека во наредните денови ќе се најде заедничко прифатливо решение.

– Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за тоа ќе ни се обрати Министерството со писмено барање, за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање. Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение, кое истовремено ќе биде и безбедно – соопштија од Град Скопје.

Реконструкцијата на Универзална сала со месеци е запрена, откако Арсовска во март годинава посочи дека проектот по кој се работи има грешки и е небезбеден. Таа нагласи дека работите ќе продолжат, но откако ќе се направат измени во проектот со кои ќе се гарантира безбедноста на сите граѓани кои ќе ја посетат салата кога ќе биде завршена реконструкцијата. Во меѓувреме беа направени бараните измени во проектот, направено е ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое било неопходно да се изврши измена на првичниот договор за којшто Град Скопје поднело допис до Владата.

Сепак и покрај тоа, реконструкцијата на фасадата не продолжи, а за внатрешноста на салата, како што истакна претходно Арсовска, немало ниту проект ниту биле обезбедени пари од Владата. Инаку, за реконструкција на надворешниот дел на Универзална, Владата, уште во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, обезбеди два милиона евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот