
Реџепи ја оспорува методологијата на пописот: Противуставна е поделбата на резидентни и нерезидентни граѓани
Пратеникот Скендер Реџепи и претседател на Движење Попули ја оспорува методологијата на пописот од 2021 година и смета дека при попишувањето не треба населението да се дели на резидентно и нерезидентно. Тој преку поднесената иницијатива бара Уставниот суд да ја преиспита уставноста на пописната методологија. Реџепи смета дека поради таквата поделба на населението, сега вработувањата и распределбата на парите во општините се вршат врз тие бројки од пописот.
Препорачано
Реџепи смета дека се повредени членовите 8, 9 и 51 од Уставот и членовите 6, 7 и 17 од Законот за попис.
-Во членот 8 од Уставот на РСМ јасно стои дека владеењето на правото согласно сите донесени акти е уставно право и таа треба да биде поставена хиерархиски – државната власт да биде поделена на извршна, судска и на законодавна така како што е веќе поставена. Членот 51 ова веќе го потврдува во Уставот и вели дека секој закон треба да биде донесен согласно Уставот и сите други акти треба да бидат донесени согласно законите и Уставот на РСМ, што е спорно и што не е исто во случајот што ние сме го претставиле пред Уставниот суд – рече Реџепи.
Членот 9 од Уставот вели дека сите граѓани на РСМ се еднакви пред правото и законите, односно дека треба еднакво да ги користат сите права без поделба.
-Законот за попис јасно укажува во член 6, дека под попис ќе бидат подредени сите граѓани на РСМ без оглед на тоа дали за време на пописот биле во или надвор од државата – јасна категорија. Во член 16 од истиот закон се вели дека се задолжува директорот од Заводот за статистика за да ја реализира методологијата за реализирање и спроведување на пописот. При создавање на методологијата бившиот директор од Заводот за статистика направил сегрегација и категоризација на граѓаните, односно што е противуставно и противзаконски односно во петта глава, член 1 и 2 ги поделил граѓаните на резидентни и нерезидентни граѓани, што го нема ниту во Уставот ниту во Законот – рече Реџепи.
Тука според него е повредено уставното и законско право и тоа треба да се поправи. Според него, злоупотребата на ваквата поделба ја прави оваа моноетничка, нелегитимна и антиалбанска влада, која ги категоризира и ги дели граѓаните на резидентни и нерезидентни, а со тоа оневозможува нерезидентните граѓани да се вработуваат, но и поделбата на средствата по општините е направено според бројот на резидентни граѓани.
Реџепи вели дека тоа не важи за заменик премиерот кој е нерезидентен граѓанин бидејќи живее во Белгија, а за сите други важи.
Тој очекува Уставниот суд да одлучува по нивната претставка и да донесе правна, а не, како што вели, политичка одлука.