Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Речиси 12.000 газди не пуштиле февруарска и мартовска плата

Рокот за поднесување на М-ПИН пријавите за плати е до 10 во месецот, за претходниот месец, а обврската за исплата на платите е до 15 во месецот. Тие кои не исплатиле плати добиле опомена, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката. Дваесеттина златари од Скопје, Кичево, Битола, Гостивар и Тетово имале драстични разлики во прометот

Речиси 12.000 газди не им пуштиле плата на своите вработени за февруари и март и за тие два месеци оставиле без приходи речиси 20.000 лица, откри Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи на брифинг со новинарите. Фирмите се од сите сектори, а дел од нив се повторуваат. Во моментот Лукаревска, немаше анализа за тоа дали во овие два месеци има зголемување на бројот на фирми кои неисплаќале плати во однос на лани и кои се причините за ваквите сознанија. Рокот за поднесување на М-ПИН пријавите за плати е до 10 во месецот, за претходниот месец, а обврската за исплата на платите е до 15 во месецот. Тие кои не ги исплатиле добиле опомена, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката.

-Во месец март регистрирани се 69.156 работодавачи со 555.161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5.716 работодавачи за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годинава. За февруари пак, има 5.136 работодавачи кои не им пуштиле плата на вработените – брифираше Лукаревска.

Од почетокот на годината до денес се извршени 1.522 контроли и кај 702 субјекти се констатирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување фискален апарат. Контроли имало и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до речиси 3 илјади евра. Надлежноста за одземање на нелегалниот златен накит е кај пазарната инспекција, брифираа даночниците.

Даночните инспектори во јануари и март ја посетиле и популарната Пластичарска улица во Скопје. Во првиот месец од 30 контролирани субјекти, кај 28 имало неправилности (не издавале фискална сметка и неводеле евиденција на прометот. Тие добиле 15 дневна забрана за вршење дејност.

-Со ГПР системот се следи дали нивниот промет се зголемува или стагнира. Дел од нив во контролите во март ја поправија работата – брифираа од УЈП. А тоа значи дека од 37 контролирани субјекти во март, неправилно работење е забележано кај 25, велат од УЈП.

Фирми кои вршат поштенски услуги, транспортираат стоки, како и ресторани и салони за мебел, веќе извесно време се под “опсервација“ на даночниците, бидејќи имаат многу млади управители (18 годишна возраст) или многу постари (над 75 годишна возраст), брифираше Лукаревска.

-Направени се четирисеттина контроли и се гледа данокот на личен доход – велат од институцијата.

Изминатиот период во акциски контроли, бил проверуван и јавниот здравствен сектор. Од 10 проверени клиники во комплексот „Мајка Тереза“, дури четири од нив не издавале фискални сметки. Се проверило и работењето на поликлиниките во рамки на Здравствен дом – Скопје и таму од 13 контроли, било заклучено дека пациентите во 4 поликлиники не добиле фискални сметки.

-Беа проверувани и 16 приватни здравствени установи во Гостивар, а кај две имаше неправилности – соопшти Лукаревска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот