
Рецепт за домашни пишии: Нашите баби ги правеле најдобро и највкусни
Пишиите се традиционален македонски појадок. Рецептот за пишии останал аманет од нашите баби, кој се пренесува од колено на колено.
Препорачано
Освен за појадок, пишиите се одлична идеја и за вечера или за ужина, а се подготвуваат многу едноставно – потребни ви се 20 минути. Можете да ги јадете и во комбинација со сирење, кашкавал, мармалад…
Состојки:
– околу 500 грама мазно брашно
– 300 мл вода (млака)
– 50 мл масло
– половина коцка квасец (свеж)
– половина ќесичка прашок за печиво
– 1 лажичка сода бикарбона
– 1 лажичка шеќер
– 1 лажичка сол
Подготовка:
Ставете го квасецот во млака вода и шеќерот за да нарасне, а потоа измешајте ги останатите состојки и замесете тесто. Се замесува тесто од сите наведени состојки и постепено го додавате брашното.
Замесете убаво, меко и мазно тесто, кое ќе го подмачкате со масло и ќе го покриете со растеглива фолија, па оставете го да стаса околу еден час.
Од стасаното тесто, откинете парчиња и направете топки. Секоја топка од тесто растегнете ја со малку подмачкани раце со масло.
Пишиите ставајте ги во врело масло да се пржат.
Додека се пржи од едната страна, со лажица посипете врело масло од другата страна (на тој начин внатрешноста е шуплива), а потоа превртете ја од другата страна да се пржи. Извадете ги на салфетка за да се впие вишокот маснотии, иако воопшто не се мрсни.
Пишиите се неутрални по вкус, така што можете да ги јадете во солена или во блага варијанта – по желба.