
Рецепт од бабите: Полнети пиперки – главен гостин на македонската трпеза
Пиперката ја користиме како зачин, како предјадење во салати, а често и како главно јадење. Таа во Македонија има широка примена и тешко дека ќе најдете куќа во која нема барем еден сноп суви пиперки, како и тегличка со мелена пиперка. Пиперката потекнува од јужните делови на Северна Америка, Средна Америка и северните делови на Јужна Америка, од каде што е распространета ширум светот, а особено застапена и во Македонија.
Препорачано
Во текот на летните денови, свежите зелени пиперки и сирењето, се деликатес кој сите го сакаат. Во комбинација со домат и краставица, таа прави вкусна салата која е на трпезата цело лето. Љубителите на пикантни вкусови ги задоволуваат своите сетила со лута пиперка, која често оди како прилог со плескавица, односно со скара.
Подготвувањето зимница речиси е невозможно да се замисли без пиперки. Пиперка во туршија, лутеница и ајвар се гастрономски специјалитети со кои секое домаќинство се гордее и со задоволство ги нуди на своите гости.
Ја има во различни форми и бои
Постојат мноштво имиња за плодовите на поединечни сорти на пиперка. Најпознати видови на пиперки се: феферонки, бабура, чили, ајварка (куртовска капија), зелена дуга, сиврија. Чили е назив за неколку видови и сорти на пиперка, кои се одгледуваат на територијата на Мексико уште од 3000 година п. н. е. Пиперката се користи како зеленчук, зачин и лек. Исто така се користи свежа, конзервирана како туршија, сува или сува мелена (или „толчена“).
Може да биде со малку сладок вкус или лута. Со својот изглед може да измами, па затоа се вели „убава, но лута“. На македонските домаќинки им е позната лутината на овој зеленчук, кога им „ги горат рацете“ додека подготвуваат лутеница.
Нејзиното височество полнета пиперка
Покрај широката примена, како во јадењата, така и во салатите, се издвојува еден специјалитет, кој е неизбежен на неделните, но и на секојдневните ручеци – полнети пиперки. Ова јадење има долга традиција. Кога целото семејство се собира за време на ручекот, мирисите на трпезата даваат посебен шарм на секоја храна. Полнетите пиперки се македонски традиционален специјалитет, кој нè враќа во детството и поврзува генерации со својата долговечност.
Несомнено, подготовката на ова јадење ќе ве врати, барем во мислите, во детството. Гответе со љубов и секое јадење ќе има вкус на дома. Додека подготвувате полнети пиперки, мислете на вашето семејство и уживајте во готвењето, а ова е рецепт од нашите баби.
Состојки:
- 8-10 пиперки
- 1/2 кг – 1 кг мешано мелено месо
- 1 чешне лук
- 1 голема лажица сечкан магдонос
- 1 шолја (од 150 мл) ориз
- сол и црн пипер
- 1 кромид
- 4 поголеми домати
- 1 морков
- 500 мл пире од домати (пасирани домати)
Подготовка:
Лукот и магдоносот ситно исечкајте ги и додадете ги во меленото месо кое сте го посолеле и забибериле. Сè убаво измешајте со раце, па додадете го оризот и сè повторно соединете.
Отстранете ги дршките од пиперките и извадете ја внатрешноста, па добро измијте ги и ставете ги да се исушат свртени наопаку на крпа.
Кога ќе се исушат, наполнете ги со подготвената смеса од месо и ориз, така што да не ја притискате смесата во пиперките. Полнетите пиперки можете да ги затворите со тенки кругови од компир или со домати, за месото да не се распадне при печењето.
Кромидот ситно исечкајте го и динстајте го во масло во тенџере додека не пожолти. Потоа додадете ги сечканите домати и ренданиот морков и динстајте уште 10 минути. Додадете ги пасираните домати и солта (некои домаќинки не употребуваат морков).
Во тепсија наредете ги полнетите пиперки врз остатокот од смесата со меленото месо и малку сос од домати и прелијте ги со вода. Пиперките печете ги околу еден час.