
Реал падна во Болоња, Олимпијакос ја реши драмата во Виторија
Возбудлива прва вечер во новата сезона на Евролигата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кошаркарите на Виртус Болоња приредија големо изненадување откако во првото коло на Евролигата го совладаа Реал Мадрид со 74:68.
Натпреварот започна во поспор ритам, со контрола на гостите од Мадрид во воведната четвртина, но Салиу Нијанг во финишот најави дека ќе биде вистинско засилување за тимот на Душко Ивановиќ.
Со тројка на Лука Вилдоза и поените на Ален Смаилагиќ, домашните во втората четвртина направија пресврт и поведоа со +7. Виртус на полувреме замина со предност од три поени, а Смаилагиќ со уште една тројка во третата четвртина ја зголеми предноста.
Иако Факундо Кампацо со тројка врати надеж за Реал во финишот, Виртус во завршницата беше посигурен и сосема заслужено стигна до голем триумф.
Во Атина, Панатинаикос ја оправда фаворитската улога и славеше над Баерн Минхен со 87:79.
Иако гостите од Минхен се држеа во првото полувреме благодарение на Крамер Болдвин, „зелените“ ја презедоа контролата преку Фарук Јуртсевен и Кендрик Нан, кој со своите 21 поен беше најзаслужен што ПАО го скрши отпорот на Германците во третата четвртина.
Јуртсевен заврши со 14 поени, а двоцифрен беше и Рогкавопулос со 11. Кај Баерн најефикасни беа Ајзеа Мајк и Ксавиер Рејтан-Мејс со по 18 поени.
Најголемата драма сепак се одигра во Виторија, каде Олимпијакос во вистински трилер ја совлада Басконија со 102:96.
Грчкиот гигант отвори со неверојатни 12:0, но Басконија предводена од Маркус Хауард и Трент Форест успеа да се врати во игра. Следуваше израмнета борба со константни промени на резултатот.
Во финишот, клучни беа тројките на Саша Везенков и Томас Вокап, а конечен печат на победата стави Никола Милутинов со поени под кошот.
Везенков беше ѕвезда на вечерта со 24 поени и 13 скока, Дорси додаде 21, а Милутинов запиша дбл-двл со 12 поени и 14 скока. Кај Басконија се истакна Луваву-Кабаро со 23 поени, додека Дијало и Форест постигнаа 15, односно 14.