Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци
Лазар Нанев / Фото: Слободен печат / скриншот

Разрешениот судија Нанев сега е полициски инспектор, местото го чекало 23 години

Судијата Лазар Нанев, кој лани во октомври беше разрешен од страна на Судскиот совет откако се дозна дека 95 пати комуницирал преку телефон со обвинет во случај кој самиот го водел, од март годинава е вработен како инспектор во кавадаречката полиција, каде претходно работел до 2002 година.

Од МВР за „Слободен печат“ објаснуваат дека со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на Нанев пред 23 години работното место му било ставено во мирување.

Како што објаснуваат од Министерството, Нанев бил вработен кај нив како инспектор за оперативни работи до 7 февруари 2001 година. Потоа, тој бил самостоен инспектор по производство, промет, корупција, нестопански и други дејности во стопанството во Отсекот за сузбивање на организиран криминал при СВР Велес, до август 2002 г. Тогаш Нанев бил избран за судија во Основниот суд Кавадарци, а работниот однос во Министерството за внатрешни работи, согласно тогаш важечкиот Закон за работни односи, му бил ставен во мирување.

„Со предметното решение на именуваниот му било утврдено право во рок од 30 дена од денот на престанување на функцијата која ја вршел, да се врати на работа на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка. Согласно наведеното, а поради престанување на причините за мирување на работниот однос во МВР, односно негово разрешување од вршење на должноста судија на Основен суд Кавадарци со решение бр.10-26/4 од 28.02.2025 година на Судскиот совет на Република Северна Македонија, именуваниот поднел барање за враќање на работа во МВР на соодветно работно место“, велат од МВР за „Слободен печат“.

„Постапувајќи по предметното барање, а согласно член 151 од Законот за работни односи, имајќи го притоа предвид и горенаведеното решение за мирување на правата и обврските од работниот однос, за истиот е донесено решение со кое поради престанок на причините за мирување се враќа на работа во Министерството за внатрешни работи и се распоредува на работно место „инспектор за општ криминалитет” во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци, Одделение за внатрешни работи Кавадарци при СВР Велес, сметано од 15.07.2025 година, кое работно место одговара на неговиот степен и вид на стручна подготовка“,објаснуваат од МВР за тоа како Нанев повторно, по 23 години, се нашол на инспекторската позиција.

Некогашниот судија се гони кривично за случајот за кој беше разрешен, а судењето треба да почне на крајот на септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот