Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Разрешени двајца директори на државни агенции, опозицијата во Собранието се противеше

Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Изгласана беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.

Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ претходно побараа да биде повлечена од дневен ред точката за разрешување на двајцата директори. Опозициските пратеници обвинија дека со ваквиот начин на разрешување, власта потврдува дека врши партизација на администрацијата.

Според Џафери, претседателот на Законодавниот дом Африм Гаши не ја води седницата согласно Деловникот зашто дозволува директорот и замник директорот кои биле избрани на две различни седници, во два временски периода, сега да се разрешат на иста седница. Тоа првпат се случува, нагласи Џафери, укажувајќи му на Гаши дека прави парадокс.

-Ова е исто како да разрешувате министер и заменик-министер. Но, така е кога претседателот работи со прирачник, а не со Деловник. Барам да ја повлечете точката и да предложите нова, како што треба. Секако не знаете, немате врска со Деловникот, ве води некој друг, вие треба да дадете оставка, не ја водите седницата правилно, според Деловникот, правите парадокс, рече Џафери.

Беџети се надоврза со констатацијата дека ова е злоупотреба на институциите и на државните органи.

„Ова е партизација на администрацијата, потврда дека со сила се диктираат сите институции што е спротивно на препораките од ЕК. Целта е евидентна, се праќа порака дека волјата на ова мнозинство е да прави диктат, да ја партизира администрацијата без ниту едно образложение. Тоа е диктатура. Директорот и заменкот се избрани на различни седници, и разрешувате сега на една седница, а притоа нема образложение пред јавноста. Требаше премиерот да ја објасни постапката“, рече Беџети.

На Џафери и Беџети им реплицираше Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија, според кого нема поголема причина за разрешување на Глигоров и Сефери од Извештајот на Државниот завод за ревизија кој утврдил незаконитости во работењето на Агенцијата за администрација.

„Барате образложение кое наводно не го добиете… ако го прочитате образложението, ќе видите дека се темели на извештајот на Државниот завод за ревизија. Заводот го исконтролирал работењето на Агенцијата и заклучил дека има бројни неправилности, дури оперира и со изразот незаконско работење. Со таков извештај, што треба повеќе како доказ за да бидат разрешени директоорт и заменик директоорт?, рече Станковиќ. Сппрно не е што се разрешуваат, туку зошто вие претходно не сте ги разрешиле…за тоа дека на иста седница се разрешуваат, нема врска со прваото. Не навлегувајте во поле кое не го разбирате“, рече тој.

И Весна Бендевска се јави за збор. Беше децидна дека Глигоров и Сефери мора да бидат разрешени зашто, како што рече, ги злоупотребувале своите функции.

На ова реплицираше Јованка Тренчевска од СДСМ, според која сè што кажала Бендевска е невистина.

-Се изнаслушавме невистини. Предлогот за разрешување е незаконски и претставува класичен пример за самоволие на власта, како и непочтиување на законската обврска и собраниските процедури. Уште еднаш правите упад во правниот систем, рече Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот