Михаил Корубин - Погледот е често фокусот на моите дела

Разговор со сликарот Михаил Корубин: Мемориска архива на чувства, идеи и инспирации

Секое ново ликовно појавување на сликарот Михаил Корубин во јавноста предизвикува голем интерес и создава чувство на очекување на нешто ново. Тежината на семејното сликарско стебло Корубин младиот Михаил ја чувствува како предизвик да создаде свој уникатен, иновативен и препознатлив ликовен ракопис.

Таков беше случајот и со изложбата „Визуелна артикулација“, која беше поставена во Чифте амам во рамките на „Скопско лето“. Откако оставивме доволно време за чувствата да „легнат“, низ разговор со младиот Корубин навлеговме во детална анализа на претставените дела.

Изложбата предизвика голем интерес, какви реакции стигнаа до тебе?

– На изложбата во Чифте амам беа претставени 13 дела од голем формат – масло и акрилик на платно, како и 35 цртежи „Артoкени“. Пред сѐ, бев многу задоволен од многубројната публика на отворањето, но и за посетеноста во последователните денови до самото затварање на изложбата. Реакциите што јас ги слушнав беа позитивни, но секако тие први ги слушаме во своите кругови, сепак имам впечаток дека главно на публиката им се допадна поставката и се надевам дека ќе се видиме повторно.

Изложбата „Визуелна артикулација“ беше поставена во Чифте амам

Големите платна се предизвик за работа или неопходност за да можеш да ги насликаш сите слоеви на одредено дело?

– Не би рекол дека големиот формат е предизвик или неопходен за мене, но сепак, има разлика и улога во однос на самиот начин на творење, како и за восприемањето во живо од страна на гледачот. Сликањето на овие дела е подинамично и бара поголемо движење. Потегот на раката, движењето на четката, текстурата, процесот на менување на сликата е различен од оној на „стандарно“ платно. Додека се работи на овие платна, постојано треба да се гледаат од поголема дистанца за да се осети нивната композиција, поради тоа што одблиску се губи целата фигурација и често се добива апстрактна форма.

Мене лично многу ми помага да ги фотографирам на телефон во различни етапи на работата, каде што можам да ги видам во многу мал формат и да го најдам потребниот баланс на композицијата. Моите ликови во ваков голем формат за мене добиваат една поинаква енергија и монументалност, со која им се дава посебно значење и приказна.

Големите формати носат повеќе слоеви и треба да се гледаат од поголема дистанца – „Слобода“ (Freedom)

Колку слоеви има на едно дело и како се појавуваат инспирациите за насликаните слоеви?

– Сликите ги работам во неколку етапи. Најпрво започнувам со една позадина која е чисто апстрактна, ја создавам атмосферата и енергијата во функција на веќе замислениот лик, кој подоцна ќе стане дел од неа. Во таа апстракција почнувам да го градам ликот, кој се преточува во позадината, тие почнуваат да дишат заедно, стануваат едно, се градат и надополнуваат симбиотички. Едното без другото тука немаат смисла.

Низ деновите на творештво сликата ја надополнувам со разни скици, натписи, интуитивни цртежи што создаваат една мемориска архива на чувства, идеи и инспирации, еден мал дневник во периодот во кој е создадено делото. Погледот е често фокусот на моите дела. Тој, за разлика од целата композиција, е стегнат, оформен, чист како река и служи како столб за балансирање на сликата. На самиот крај на сликите ги додавам овие знаци, симболи, наречени „Артoкени“, кои му даваат дополнителна содржина и поконкретна насока на делото.

Вечност (Everlast)

Новитет на изложбата се минијатурните слики наречени „Артокени“. Со каква идеја и функција се создадени овие дела?

– Пред две-три години сакав да го претставам зајдисонцето на еден едноставен минималистички начин, да биде препознатливо со само неколку линии. Неколку обиди подоцна го создадов првиот ваков цртеж со кој бев задоволен, но сѐ уште немав јасен концепт за неговата употреба, па така создадов одредени правила и структура во која едно дејствие ќе мора да биде претставено. Овие цртежи ги нареков „Артокени“ (Artokens), кованица која јас ја комбинирав од зборовите „Арт“ (уметност) и „Токен“ (знак, симбол, подарок).

Интересно беше што оваа кованица не постоеше како збор кој означува нешто конкретно во светот, поради што на овие дела им даде уникатно значење. „Артокените“ претставуваат еден визуелен речник на различни емоции, карактери, природни појави, секојдневни и несекојдневни настани. Секој од нив претставува еден збор стилизиран преку неколку основни геометриски слики, како круг, триаголник, линија и шестаголник со кои се создава една минималистичка и препознатлива естетика во овој ликовен ракопис.

„Креатор“ – „Артокените“ претставуваат еден визуелен речник на различни емоции

Какви се понатамошните планови со „Артокените“?

– Досега „Артокените“ беа само именки, поединечни зборови што немаат функција да дадат една приказна во форма на реченица. Во моментов работам на книга каде што овој јазик ќе се прошири со заменки, сврзници, глаголи… со кој ќе може да се раскаже една едноставна, но моќна приказна. Во книгата ќе биде објаснет начинот на пишување, основното глаголско време, структурата на зборовите, а ќе има и голем број скици со кои ќе биде појаснета и стилизацијата на „Артокените“. Книгата треба да излезе некаде во април 2024 година во склоп на „Артокен“ изложба. Книгата ќе биде само првиот дел од, се надевам, неколку последователни книги со кои овие дела, овој јазик ќе добие една целосна и комплетирана приказна.

Артокен „Воин“ (Warrior)

Наследник си на звучно сликарско презиме и секоја генерација (дедо, татко) носи свои карактеристики во творештвото. Колку таквите околности се предизвик да се создаде нешто уникатно и свое?

– Јас сум пораснат и во студиото на татко ми, како и во студиото на дедо ми. Во нашето творештво сите ние сме различни, но секако дека имам некое влијание од нив, иако тоа не мора да биде очигледно и препознатливо. Влијанието може да биде во колорит, естетика, текстура, техника и во многу други форми кои како автор може да се употребат во сосема различен концепт. Од татко ми Рубенс ги имам засакано фигурацијата, цртежот, техниката и до ден-денес имам допирни точки со него кои кај мене се во друга функција на делото. Долго време мислев дека со дедо ми Миле немам ништо посебно заедничко, но еве, можеби, еден дел од естетиката на „Артокените“ произлегува од еден период на неговите слики кои имаат една прецизна геометрија, стилизирана визуелизација на светот. Уметноста често произлегува од своите лични спомени и доживувања кои формираат еден уникатен пат и ликовен печат, склоп на околности кој е автентичен само за еден и за никој друг. Овие мемории, чувства, емоции се одраз на патот кон сопственото индивидуално созревање како уметник, одразувајќи го сопствениот живот и разбирање на светот.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 190, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!