
Разговор со Шуи-Лин Вајт, уметница од Јужна Африка: Уживам во цртањето
Во галеријата „Остен“ во изминативе 15-ина денови е отворена меѓународната групна изложба на слики, цртежи и графики со наслов „Девет гледни точки / Централна точка – Хенри Мур“, а меѓу учесничките е и Шуи-Лин Вајт од Јужна Африка.
Препорачано
Групната изложба „Девет гледни точки“ во галеријата „Остен“ обединува меѓународни уметници што со својот уникатен визуелен јазик, создаваат дијалог околу централното уметничко сидро: наследството на Хенри Мур.
Познат по своите монументални полуапстрактни бронзени скулптури и неговите маестрални цртежи, делата на Мур постојано ја истражуваат човековата форма, нејзиниот однос со природниот пејзаж и моќта на материјалноста и апстракцијата. Оваа изложба не се стреми да го имитира Мур, туку да се вклучи во неговите основни принципи – интеракцијата на внатрешната и надворешната форма, дијалогот помеѓу фигурата и околината и експресивниот потенцијал на линијата, масата и текстурата. Во таа смисла и дело од Шуи-Лин Вајт е вклучено во поставката.
Како се случи да тргнете на долг пат и од Јужна Африка да дојдете во Македонија?
– Патот навистина беше долг, а конекцијата беше Хенри Мур. Родена сум во Алжир, но се образував во Англија и уште во моите тинејџерски години се сретнав со делата на Хенри Мур. Toj навистина има препознатлив глас, особено во однос на неговата фигурација. Човековото тело во делата на Мур, и во машките и во женските скулптури, е објективизирано и го гледате какво што е. Тој креираше сосема нов начин на претставување на човековото тело, како форма, како енергија, како динамика, поедноставени машки и женски фигури кои тој се стремеше да ги унифицира, а не да ги раздели.
Тоа ме привлече во мојата работа да изработувам човекови фигури и форми со намера да ги унифицирам, и практично тоа ме поврзува со делата на Мур. Кога дознав дека „Остен“ слави 80 години од основањето, посакав да се поврзам со Корнелија, Наташа и со целата екипа на „Остен“ и да им ја понудам мојата поддршка, но и да ги поддржам во однос на претставувањето на Хенри Мур со мое дело. Сметам дека делата на Мур се многу позначајни денес отколку во времето кога биле создавани и затоа тргнав на долг пат од Кејптаун до Скопје.

Покрај влијанието на Хенри Мур, која беше Вашата појдовна точка во областа на визуелните уметности?
– Кога имав четири години живеев на плантажа за шеќер во Алжир, каде што имаше многу коњи. Немаше ништо друго, ниту продавници, ниту патишта. Често ми беше досадно кога бев дете, бидејќи немав што да правам. Еден ден мајка ми ми даде молив, ме седна на земјата и ми рече: „Нацртај коњ“. Нацртав коњ. И сѐ уште уживам во цртањето.
Ако не сакаш да ти биде досадно – цртај! Биди љубопитен за нештата околу тебе. Уживај во овој досаден свет, поставувај прашања, истражувај ги човековите приказни, раскажувај ги, преиспитувај дали тие што ги раскажуваме се целосните и вистинските приказни за човештвото, откри кои приказни треба да ги раскажуваме, откриј како ние се прикажуваме во приказните и дали тоа е вистинската слика, и што е вистина во сликата… цртањето те тера да гледаш и да истражуваш.
Како се чувствуваше овие денови во Скопје, каде имаше можност да размениш искуства со други уметници и почитувачи на делата на Мур?
– Беше вистинска привилегија. Секогаш е убаво кога патуваш и кога се поврзуваш со други уметници, независно дали сѐ уште се живи или се поврзуваш со нивните дела по нивната смрт, бидејќи така ја наоѓаш сопствената заедница. Најчесто работата на уметникот е во осаменост и во изолација. Затоа мислам дека е многу важно да се здружиме преку нашите гласови и да се посветиме на ширењето на нашите гласови низ целиот свет, бидејќи тие гласови зборуваат повеќе за хуманоста на човештвото, отколку за индивидуалци, нации или држави. Уметниците се глобална заедница и мислам дека на тој начин треба да дејствуваме.
Имајќи ја предвид физичката дистанца, од Скопје гледајќи кон Кејптаун ни изгледа како да се наоѓа на друга планета. Каква е ликовната сцена таму?
– Имаме многу вибрантна уметничка сцена, можеби затоа што нашето минато е многу комплексно и тешко, нешто слично како и во Македонија. Имавме апартхејд, како што знаете, имавме колонизација, и мислам дека многу луѓе денес се обидуваат на креативен начин да ги расплетат јазлите на апартхејдот и колонизацијата преку уметноста, бидејќи таа им помага да ги поставуваат тие прашања и да трагаат по одговори што ќе ги поведат кон иднината.
Со кое дело се претставивте на изложбата во Скопје?
– Делото е со наслов „Континуум“. Со делото го поставувам прашањето што е тоа што останува во човековата меморија и во човековите приказни. Идејата е да откријам како се справуваме со загубата, со болката, со траумата, и што ни се враќа кога сето тоа ќе стане минато, бидејќи навистина е минато. Инспирацијата за делото е дека опстојувањето на моментите што ни се враќаат во мислите прават да се чувствуваме повторно дома. Сѐ во животот транзитира помеѓу постоењето и непостоењето. Има моменти кога успеваме да се пронајдеме самите себеси. Делото е за тој континуум на времето.

Формата на Хенри Мур – Елегантна апстракција
– Првата и, можеби, најпозната љубов на Хенри Мур беше кон човечката форма, но не како совршена, класична статуа. Мур беше фасциниран од телото како пејзаж. Тој гледаше ридови во колковите, долини во просторот помеѓу раката и торзото и планини во лежечките фигури. Тој ја апстрахираше фигурата, поедноставувајќи ја и искривувајќи ја за да ја направи поуниверзална, поелементарна. Тој не создаваше само личност; тој создаваше чувство на човечност.
Оваа идеја одекнува низ целата изложба. Шуи-Лин Вајт навлегува во подлабока, елегантна апстракција, истражувајќи го идентитетот и сеќавањето, доловувајќи го човечкото присуство во континуитет, истовремено и минливо и вечно – посочува кураторката Корнелија Конеска.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 299, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.9.2025)