Разговор со Шќипе Мехмети: Гласот на жената уметник во нашето општество недоволно се слуша

Заедничката изложба „Жени за жените“ на 25 ликовни авторки од Западен Балкан во објектот „Мала станица“ при Националната галерија е поставена до 6 јуни, а концептот на изложбата беше повод за разговор со визуелната уметница Шќипе Мехмети.

Заедничкиот пристап на уметници од повеќе држави кон одредена тематика дава одлични резултати, а таков резултат е добиен со тематската изложба „Жени за жените“, која по Белград, Подгорица, Самобор и Ајдовчина, до 6 јуни може да се види и во галеријата „Мала станица“ во Скопје. Учеснички од С Македонија се Ана Лазаревска, Марија Милошевска, Тања Балаќ, Христина Зафировска и Шќипе Мехмети.

Станува збор за двегодишен проект поддржан од Европската унија и се реализира во соработка помеѓу организациите „Феномена“ (Србија), „Спес“ (Црна Гора), „Беоарт контемпорари“ (Србија), „Задруга Призма“ (Хрватска), „Сенсус“ (С Македонија) и „Локаријева галерија“ (Словенија).

Визуелната уметница Шќипе Мехмети на изложбата се претставува со делото „Молк“. Женската фрагилност, моќ или немоќ, особено во македонското современо општество, често е присутна во делата на Мехмети. Темата за жената во општеството, воопшто, повеќепати ја разработила, но со секое следно дело уметницата открива нови детали и постојано ги поместува границите на сопственото творештво. Таквиот индивидуален пристап го има и со учеството на групната изложба во „Мала станица“.

На кој начин е создадена поставката за изложбата „Жени за жените (Women about women)“?

– Изложбата „Women about women“ е дел од проектот „Rise of women in culture in Western Balkan“, кој е поддржан од ЕУ. За неа беа ангажирани пет кураторки од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и од С Македонија, кои направија селекција од 25 уметнички од истите земји. Авторките работат со различни медиуми и во различни области на ликовната уметност. На изложбата се поставени слики, графики, фотографии, инсталации, скулптури и видеоарт.

Како се правеше селекцијата на авторките од петте држави?

– Кураторките од горенаведените земји направија селекција по пет жени уметници од истите земји, кои активно творат на темата „Жена“, а оттаму произлезе и тематскиот наслов на изложбата „Жени за жените“.

Изложбата беше поставена во репрезентативни галерии во секоја од петте држави. Што како поука или порака може да се извлече од проекти од овој вид?

– За мене е големо задоволството кога соработувам со други уметници и различни куратори, особено на вакви големи меѓународни проекти. Како уметник, сметам дека многу се надградуваме запознавајќи и соработувајќи со други ликовни уметници или уметници од други области. Мене секогаш ми е интересно и сум љубопитна да дознавам повеќе за нив, нивниот поглед кон светот и уметноста. Повеќето од уметничките што учествуваат во изложбата ги запознав при нивната тридневна посета на Скопје во мај, и навистина беше убаво.

Обично и по завршувањето на ваквите проекти соработката продолжува, а тоа е една друга многу важна работа. Иако нашиот проект ќе трае две години, ние веќе размислуваме и бараме начини како да ја продолжиме соработката. Кај нас на Балканот има доста теми и инспирација за уште многу интересни проекти. Лично многу се радувам што ми е дадена оваа можност и ќе гледам да ја развијам и продолжам и во иднина.

На изложбата „Жени за жените“ уметницата Шќипе Мехмети се претстави со делото „Молк“

Третманот на жената во општеството често е присутен и во твоето творештво. На оваа изложба се претставуваш со делото „Молк“. Дали преку твоите дела се одлучи гласно да зборуваш?

– Поводот за да почнам да творам и ликовно да се изразувам на темата „Жена“ беше биеналето на ДЛУМ, Зимски салон во 2012 година. Темата беше одредена од кураторот на изложбата беше со наслов „Секспресија“, на која јас одговорив со триптих графики. Тоа беше моментот кога почнав да размислувам што понатаму, како можам идејата да ја развијам во цела една изложба. Изложбата се случи во 2017 година во „Мала станица“, но јас продолжувам да создавам нови дела, бидејќи чувствувам дека имам уште многу што да кажам.

Какви се досегашните искуства – колку гласот на жената уметник се слуша во општеството?

– За жал, гласот на жената уметник во нашето општество недоволно се слуша, барем така јас се чувствувам. Но и ние уметничките мора малку поактивно да работиме во тој правец. Сметам дека треба да почнеме од потесниот круг, од својата фамилија и најблиските околу себе, да ги едуцираме почнувајќи прво од помладите генерации. Нѐ чека многу работа и труд, бидејќи без тоа нема да се случат промени во нашето, сѐ уште, конзервативно општество.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот